Оваа 2020 година несомнено никој од нас нема да ја заборави, не само поради пандемијата на коронавирусот, туку и заради фактот што за првпат нема да се одржи во мај „Евровизија“, во долгогдишната историјата на овој престижен фестивал.
Иако песните беа избрани, учесниците подготвени, илјадници евровизиски фанови ги обезбедија влезниците, кои пламнаа за миг, сценскиот дизајн беше финализиран и сите требаше да се сретнат во мај во холандскиот град Ротердам, тоа дефинивно нема да се случи. По масовното откажување на настани во светот, организаторите не беа во можност да договорат алтернативен формат и решија да го откажат изборот за „Песна на Евровизија 2020“. Ова беше тежок удар, пред се, за обожавателите на овој фeстивал, а ОГАЕ е горда што е најголемата организирана навивачка мрежа со повеќе од 13.000 членови низ целиот свет. Обожавателите сакаат шоуто да продолжи и учесниците кои требаше да бидат дел од годинашниот избор да имаат шанса да ги претстават своите песни. Затоа, ОГАЕ со задоволство започна онлајн-гласање за евровизиските навивачи и ги кани ентузијастите од целиот свет да го дадат својот глас.
– И досега, ОГАЕ секоја година спроведуваше анкети меѓу своите членови за да утврди која е нивната омилена песна. Последни победници беа Махмуд од Италија во 2019 година и Нета од Израел 2018 година. Оваа анкета на ОГАЕ ќе се спроведе и годинава, но ќе биде проширена така што секој што ја сака „Евровизија“ ќе може да се вклучи и да го даде својот глас – вели Игор Трајковски, претседател на ОГАЕ-Македонија.
Националните клубови ОГАЕ ќе го изберат својот омилен евровизиски хит, како и во изминатите години, но тие исто така ќе го сочинуваат жирито и ќе придонесат со 50 проценти во вкупниот резултат. Останатите 50 отсто ќе бидат од пошироката публика и секој ќе гласа он-лајн за нивната омилена песна, благодарение на партнерите „Mi-Voice“.
Доколку сакате да учествувате во гласањето, и да го поддржите Васил Гарванлиев кој на евровизиската сцена требаше да ја претставува нашата земја со песната „You“, или некој друг учесник по ваш избор, треба да се регистрирате до 3 мај до полноќ на следниот линк. Тоа е неопходно за гласањето да биде поправедно и пореално, но секако, личните податоци нема да се користат за други цели. Кога ќе започне гласањето, преку е-пошта секој ќе може да го даде својот глас и да придонесе за целокупниот резултат.
На веб-страницата ќе можете да ги слушнете сите 41 песни и да ги погледнете нивните видеа со одење до „SONGS 2020“, а на веб-страницата за гласање ќе има соодветни линкови до песните. Песните ќе бидат достапни и за стриминг и преземање, како и на официјалното цеде „ESC2020“ што треба да излезе на 24 април. Целиот овој натпревар е повеќе од забавен карактер, бидејќи сите учесници кои требаше да настапат на „Евровија 20202“ веќе се херои. Сепак, победникот на изборот ќе добие трофеј како фаворит на евровизиските фанови и уште посоодветно место во нивните срца.
Повеќе информации се достапни на следниот линк.