Грчки научници соопштија дека откриле редок вид фосил од дрво во Грција, чии гранки и корени останале недопрени по 20 милиони години. Дрвото е откриено на вулканскиот остров Лезбос за време на градежни работи за локален пат.
Локалитетот е близу стара шума, скаменета пред милиони години на овој медитерански остров. Првпат е пронајден ваквиот редок вид на фосил од дрво во толку добра состојба, комплетно со гранки и со корени, откако започнале ископувањата во 1995 година.
Фосилот од дрвото е подигнат од местото со помош на специјална дигалка и метална платформа, а потоа транспортиран на безбедно место каде што може стручно и детално да биде проучуван од експерти.
– Особено значајно е што дрвото е пронајдено со гранки кои се непроменети од главното стебло. Тоа е уникатно откритие од ваков вид, бидејќи досега немаме слично во областа на скаменетата шума. Фосилот од дрвото е зачуван во одлична состојба и од проучувањето на фосилизираното дрво ќе можеме да го идентификуваме типот на растението од кое потекнува – истакна професорот Никос Зурос од Природонаучниот музеј на скаменетата шума во Лезбос.
Скаменетата шума во Лезбос, заштитена од УНЕСКО има површина од 15.000 хектари, како резултат на вулканска ерупција пред 20 милиони години, која го задушила тогашниот суптропски шумски екосистем на островот во лава.
Фосилизираното дрво, долго околу 19 метри, било зачувано со дебел слој на вулканска пепел откако паднало. Голем број лисја од овошни дрвја беа пронајдени на истото место, заедно со животински коски во истато подрачје.
– За време на ископувањата се откриваат разни шуми што постоеле пред 17 и 20 милиони години на Лезбос и можеме да го реконструираме екосистемот што постоел во тој период, собирајќи вредни информации, не само за растенијата што живееле во скаменетата шума, туку и за животните кои живееја во овие шуми, чии коски ги наоѓаме за време на ископувањата во скаменетата шума – објаснува професор Зурос.
Планот е да се обидеме да се создаде „отворен музеј“ на тоа место за посетителите да можат да ги видат ископаните откритија во нивната оригинална околина.