Експерти за „Нешнл џиографик“ научно објаснија зошто луѓето веруваат во теории на заговор, кои станаа особено сеприсутни во пандемијата на ковид-19
Според објаснувањето на експерти за „Нешнл џиографик“, објавено во текстот под наслов „Зошто луѓето се приближуваат до теориите на заговор“, како прв пример за теорија на заговор е наведено тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека последните претседателски избори во САД биле наместени. Како што се вели, неговото тврдење по дефиниција е теорија на заговор – тој е убеден дека моќните луѓе манипулирале со граѓаните.
Судовите, од друга страна, отфрлија десетици обвинувања дека изборите биле наместени. Главниот државен обвинител Вилијам Бар рече дека не се пронајдени докази дека гласачите биле измамени. А лидерот на мнозинството во Сенатот, републиканецот Мич Меконел, ги нарече тврдењата на неговиот партиски колега Трамп „чисти теории на заговор“.
За СЗО ова е време на пандемична дезинформација
Социјалниот психолог на Универзитетот во Калифорнија, Питер Дито, забележува дека Трамп како „оружје“ го искористил она што е природна човечка тенденција, а тоа е да веруваме само во она што го потврдува поимот за некого или за нешто. Оваа тенденција беше присутна многу пред насилното влегување на поддржувачите на Трамп во Конгресот и за време на пандемијата на коронавирусот.
„Нешнл џиографик“ потсетува дека Светската здравствена организација (СЗО) го нарече моментот во кој живееме време на пандемична дезинформација, време во кое безброј информации, вклучувајќи и невистинити, имаат негативни последици. Последиците се исто така и уништување на инфраструктурата за 5Г-мрежата откако на социјалните мрежи беше објавено дека предизвикува коронавирус.
– Повеќето луѓе не веруваат лесно во лага. Но кога на дезинформациите ќе им се дадат едноставни и лесни објаснувања на случајни настани, тогаш тоа предизвикува чувство на контрола – истакнува социјалниот психолог на универзитетот „Кембриџ“, Сандер ван дер Линден.
Во време на криза, теориите на заговор се уште попривлечни и затоа е потешко да им се одолее. Социјалниот и политички психолог од Полската академија на науките, Марта Марчлевска, нагласува дека луѓето ги користат таканаречените когнитивни кратенки за полесно донесување одлуки и за да утврдат во што треба да веруваат. Таа посочува дека ова е особено случај со оние што се вознемирени, кои се чувствуваат вознемирени или се склони кон когнитивно затворање. Таквите индивидуи сакаат да му дадат значење на светот во кој живеат со когнитивни кратенки.
Верувањето е начин за справување со психолошка закана
Друг фактор што придонесува да се верува во теории на заговор е она што е означено како колективен нарцизам или пренагласено верување во значењето на колективот на кој му припаѓаат. Истражувањето на психологот Марчлевска открило дека колективните нарциси имаат тенденција да бараат замислени непријатели и да прифаќаат објаснувања според кои тие се други виновници. Ова чувство е особено изразено кога поединци од колективот или целиот колектив ќе пропаднат.
– За некои луѓе, верувањето во заговори е најдобриот начин да се справат со психолошката закана што значи нивен неуспех – заклучува Марчлевска, додавајќи дека тоа е веројатно случај со оние што насилно влегоа во Конгресот на САД.
Нападот од приврзаниците врз новинарите и уништувањето на новинарската опрема е показател за она што психологот Даниел Суливан од Универзитетот во Аризона го опиша како соочување со оној што има одлики во согласност со нашето гледиште за злото. Во врска со ова, психологот Дито истакнува дека многу често ставовите на колективот на кој му припаѓаат се бранат инстинктивно.
Верувањето е исто така под влијание на истакнати поединци. Според анкетата направена на над 2.000 Американци, која ја спровел Џозеф Ускински, професор по политички науки на Универзитетот во Мајами, се покажало дека верувањата на граѓаните се тесно поврзани со она што го велат политичките лидери. Психологот Марчлевска смета дека оние што веруваат во теории на заговор обично бараат „спасител“ – некој што ќе им помогне да се заштитат од непријателот што го подготвил заговорот. За неа, нема сомнение дека влијателните луѓе користат теории на заговор и дезинформации. Таа истакнува дека тие можат да бидат опасно политичко оружје за манипулирање со јавноста, со намера да се добие моќ.