Туристите што ќе сакаат да прошетаат низ италијанскиот град Венеција ќе мора од први јули следната година да платат најмалку три евра, објави градската управа.
Мерката, која би се однесувала на туристите за целодневен престој во градот и за оние што сакаат да крстосуваат, но не и за оние што престојуваат во хотелите, беше објавена на почетокот од годинава, но нејзината примена беше одложена поради технички тешкотии.
Цената на оваа такса ќе порасне на шест до осум евра во текот на сезоната.
Начините на плаќање сè уште се разработуваат. Оние што ќе се обидат да се „прошверцуваат“ во градот, ќе се соочат со казни од 100 до 450 евра.
Масовниот туризам е долгогодишен проблем за Венеција, иако е и нејзин најголем извор на приход. Се смета за главен виновник за зголемувањето на цените на недвижнините и намалувањето на населението.