Позитивни пораки од големиот екран
Милиони луѓе низ светот, погодени од пандемијата на коронавирусот, се наоѓаат во државни блокади и самоизолација и спроведуваат физичка дистанца, но затоа филмската помош им е на дофат. Филмовите отсекогаш ѝ дозволувале на публиката да побегне час-два, бидејќи ниедна друга уметничка форма не е подобра во пренасочувањето во магична и утешителна реалност, многу подобра од оваа нашата.
Токму затоа одбравме некои од најдобрите филмови во таа смисла, достапни да се гледаат дома. Филмските класици ги поделивме во неколку категории. Удобна фотелја и семејно пакување сладолед може да се додадат по желба, но, секако, се препорачуваат.
Ако сакате да видите светлина на крајот на тунелот
На почетокот на Пиксаровиот филм „Ѕидот-Е“ од 2008 година, Земјата е еден огромен отпад полн со кули од смет, а нејзиниот единствен жител е дотраен робот. Меѓутоа, до крајот на филмот човечката раса се враќа од своите ѕвездени патувања, а житните полиња повторно разеленуваат. Добро е да се знае дека постои таква можност.
Ако сакате некој да го спаси светот
Филмовите за Џејмс Бонд важат за утешителни за Британците во одредени години, затоа што им ги враќаат сеќавањата на излежувањето пред телевизорот за Божиќ. Но не мора да бидете Британец за да ве утеши некој самоуверен херој што се бори против злото, а згора на тоа е шармантен. „Шпионот што ме сакаше“ (1977 г.) е филм со тајниот агент 007 со совршен баланс на убедлива опасност и безгрижност. Односно, верувате во сѐ што прави Бонд на големиот екран иако изгледа многу неверојатно.
Но доколку не сте љубител на филмовите за најпознатиот таен агент на светот, одберете си друг акциски херој, на пример Џон Меклејн во „Умри машки“ (1988), Индијана Џонс во „Крадците на загубениот ковчег“ (1981) или Супермен во истоимениот филм од 1978 година, и доброволно депортирајте се во некои посреќни времиња.
Ако сакате да гледате на поведрата страна
Комедиите секогаш може да бидат критика на општествената неправда и на човековата слабост. Сепак, ајде за миг да заборавиме на сето тоа. Во моментот ни е потребен најдобриот лек – хуморот, кој ни го овозможуваат комедиите чија единствена цел е да нѐ насмеат. Една од најдобрите е „Спинален допир“ од 1984 година, совршен лажен рок -документарец на Роб Рајнер за непостоен хевиметал-бенд, во кој играат тројца генијални импровизатори и солидни музичари – Кристофер Гест, Мајкл Мекин и Хари Ширер.
Можеби веќе ги знаете повеќето реплики наизуст, но тоа е и делумно причината зошто е толку интересно овој филм да се гледа повторно и повторно.
Други филмови што ќе ве насмеат до солзи се: „Паткина супа“ (1933), „Враќањето на Пинк Пантер“ (1975), „Кретен “ (1979), „Има ли пилот во авионот“ (1980), „Борат“ (2006), „Што правиме скриени“ (2014) и „Пингвините од Мадагаскар“ (2014).
Ако сакате да бидете разиграни и да се ослободите од сите грижи
Во времињата полни со грижи, многу позитивно влијае кога гледате сосема безгрижни луѓе. Еден пример би можел да биде Џ. Харолд Менерс, ведар милионер, кого го игра Харолд Лојд во филмот „Зарем е можно“ од 1926 година. Иако други големи ликови на немиот филм често имаат проблеми со злосторства и несреќи, Лојдовата препознатлива физиономија е неоптоварено позитивна, а најмногу во миговите кога Менерс плови низ оваа комедија на Сем Тејлор, потпишувајќи чекови без размислување, кога сака да купи автомобил или да основа мисија за сиромашни.
Друг пример е Чарлс Пајк, кој го играше Хенри Фонда во „Леди Ева“ (1941), наследник на пиварница, кој нема други проблеми во животот освен што го прогонува лесна девојка, која ја толкува Барбара Стенвик. Сепак, неприкосновени, разиграни и безгрижни филмски идоли мора да бидат Фред Астер и Џинџер Роџерс, кои на публиката за време на големата криза во САД ѝ овозможија да ѕирне во високото општество, во филмовите „Цилиндер“ (1935) и „Безгрижни денови“(1938).
Ако сакате да се вљубите
Овој филм е толку утешителен, што и во насловот има мала подлога за главата. Станува збор за „Шепотење на перница“ од 1959 година, во кој Дорис Деј игра жена посветена на кариерата, која не може да го поднесе плејбојот во соседството (Рок Хадсон), кој бидејќи ѝ е телефонски двојник, постојано ѝ ја краде врската. Се прашувате зошто овој филм донесува толкаво уживање? Една од причините е што постојано се прашувате дали оваа интересна двојка најпосле ќе биде заедно.
Најдобрите романтични комедии ви дозволуваат да си замислите дека и вие можете така да се облекувате, да уживате во скапите апартмани, да посетувате ноќни клубови и ресторани. Ако не ви се по волја Дорис и Рок, одлучете се за Хју и Енди во „Четири венчавки и погреб“ (1994) или Били и Мег во „Кога Хари ја сретна Сали“ (1989).
Ако посакувате грижливост и нежност
Понекогаш сите се чувствуваме како деца на кои треба да им се помогне, а кој е подобар во тоа од мечката Балу и пантерот Багира во „Книга за џунглата“ (1967)? Како верни хранители, тие ги ризикуваат своите животи да го заштитат Могли, иако знаат дека нему му е судено да ги напушти. Веселите песни и разиграната анимација придонесуваат за големиот позитивен ефект на филмот.
Но ако повеќе сакате да ве чува човек, одлучете се за совршената дадилка Мери Попинс (1964), за старателот на деца што крши вилици Џејсон Статам во „Безбеден“ (2012) или за господинот Лопез, мудриот, стрплив и благороден рурален учител во прекрасниот документарец на Николас Филиберт „Да се биде и да се има“ од 2002 година.