Раѓањето на бебето на принцот Хари и на Меган Маркл, кое се очекува на крајот на месецов или почетокот на мај, привлекува големо внимание во светската јавност, што се забележува според интересот на социјалните мрежи и парите вложени во обложувачниците.
Војводата и војвотката од Сасекс, неодамна отворија заеднички профил на Инстраграм, а вложени се и десетици милиони евра на облозите во врска со полот на детето и со името кое ќе го носи. Се претпоставува дека детето ќе биде девојче кое ќе се вика Дијана, пренесува магазинот „Форбс“.
Според интернет-страницата „Букмејкерс“, тоа е трипати повеќе од вложената сума на обложувањата за принцот Џорџ, принцот Луис и принцезата Шарлот, децата на престолонаследникот Вилијам.
Заедничкиот инстаграм-профил на кралската двојка веќе соборува рекорди. Во првите шест минути заедничкиот профил доби повеќе од осум илјади обожаватели, а на крајот на седмиот ден таа бројка изнесуваше повеќе од четири милиони обожаватели. Со тоа што профилот надмина еден милион обожаватели во првите шест часа, тие го соборија Гинисовиот рекорд. Нивната прва објава беше слајдшоу од фотографии за иницијативи кои тие заеднички ги поддржуваат.
– Со нетрпение очекуваме да споделиме за иницијативите во кои учествуваме и за работите кои ги поддржуваме, како и за важните најави кои ги имаме – пишува на нивниот инстаграм-профил.
На фотографиите може да се забележи како тие играат со дечиња, потоа како спортуваат заедно, како принцот Хари носи воена униформа, но и црно-белата фотографија на која Хари и Меган стојат заедно – насловена „ние против светот“.
Како што се наближува крајот на месецот, обожавателите претпоставуваат дека нивната наредна објава на Инстаграм ќе биде за нивното кралско бебе. Интересот зеде навистина голем замав и во САД.
Според магазинот „Ле поинт“ обложувачите се прашуваат дали кралското бебе ќе генерира повеќе приходи од децата на Вилијам, од продажбата на сувенири. Претходните рекорди поставени од Шарлот (100 милиони евра), Џорџ (85 милиони евра) и Луис (60 милиони евра) се навистина високи.
– Се претпоставува дека британската кралска фамилија генерираше повеќе од две милијарди евра во бизниси од различни видови во кралството, вклучувајќи организирање на семејни настани, продажба на сувенири и насочен туризам – пренесува магазинот „Форбс“.