Музиката на „Мојата улица“ е на Васил, на пијано го придружува Давор Јордановски, емотивниот текст е на Игор Џамбазов, а Ѓорѓи Вацев сними впечатлив спот во еден потег
Васил Гарванлиев, кој требаше да ја претставува нашата земја на јубилејниот 65. Евровизиски фестивал на 16 мај во Ротердам, Холандија, периодов, кога целиот свет е во изолација, го минува во родната Струмица.
– Ова е првпат кога сите се наоѓаме на една иста позиција, без разлика во кој дел од светот живееме. Оттука, сакам да упатам порака до сите уметници – за никого не е лесно, но запомнете, музиката најмногу нѐ спојува во време на криза. Сите го говориме и разбираме нејзиниот јазик. Таа нѐ допира, нѐ лекува и нѐ инспирира – вели тој.
И Васил периодов се лекува со музика, па времето го минува подготвувајќи го новиот албум, вежбајќи јога, контактирајќи со пријателите и со обожавателите преку социјалните мрежи.
– Искрено, благодарен сум што конечно добив малку време да застанам, да здивнам, време што си го посветувам себеси – ни рече Гарванлиев.
Тој денеска за своите обожаватели на Јутјуб ќе ја промовира новата песна, прекрасната балада „Мојата улица“, за која е реализиран и впечатлив видеозапис.
– Драго ми е што токму денеска сите оние што ме поддржуваат тука, во Македонија, но и низ светот, ќе ги израдувам со нешто ново, нова песна и спот.
Станува збор за баладата „Мојата улица“, за која ја напишав музиката, на пијано ме придружува Давор Јордановски, македонски композитор што живее и работи во Канада, а емотивниот текст, за кој слободно можам да кажам дека има и биографски елементи, го напиша Игор Џамбазов. Интересно е дека видеото, кое го сними и режира Ѓорѓи Вацев, е снимено во старата касарна во Струмица, и тоа во еден потег – вели Гарванлиев.
Неговата песна „You“ на официјалниот евровизиски сајт веќе има над 700.000 прегледи.
– По најавата за големото телевизиско шоу на 16 мај, на кое ќе бидат претставени годинашните евровизиски учесници пред телевизискиот аудиториум во Европа и во целиот свет, со евровизискиот тим од МРТ ги чекаме деталите за настапот. Се надевам на можноста и следната година да учествувам на овој престижен фестивал – посакува Гарванлиев.