Васил Гарванлиев по официјалното објавување на веста за неговото учество на „Евровизија 2020“ вели дека е подготвен за ова ново патување и дека ќе даде сѐ од себе за Македонија да биде претставена во најдобро светло. Македонската радио-телевизија, како членка на Европската радиодифузна унија и носител на лиценцата за учество на „Евровизија 2020“, која ќе се одржи во мај, во Ротердам, Холандија, ги поканува авторите што сакаат да напишат песна за овој престижен музички фестивал, која ќе ја изведе Гарванлиев, тоа да го сторат до крајот на јануари.
На Васил ова нема да му биде прво искуство на евровизиската сцена, бидејќи минатата година беше дел од успешниот евровизиски тим во Израел, во улога на придружен вокал на Тамара. Тој вели дека годината не можела поубаво да му почне и оти музиката отсекогаш била светла точка во неговиот живот.
– И покрај тоа што имам долгогодишно искуство на меѓународни сцени, свесен сум за предизвикот и одговорноста што претстојат за време на овој глобален настан, особено по успешниот пласман со Тамара минатата година – вели тој.
Изборот на Гарванлиев, МРТ го направи по организираната затворена дебата, која се одржа на 28 ноември минатата година, на која беа поканети и учествуваа автори (композитори, текстописци, аранжери), новинари што ја следат евровизиската сцена и претставници на ОГАЕ (евровизиски фан-клуб на Македонија), при што беа изнесени слични ставови со мислењата на уредниците од Програмскиот колегиум на МТВ 1, и оваа година да се прифати минатогодишниот модел на избор на учесник на автори и изведувач.
Одговорните за изборот притоа направија и анализа на досегашните учества на „Евровизија“, а предвид е земен и рокот до кога треба да се завршат сите обврски, како и предлозите од затворената дебата.
Васил Гарванлиев ѝ е познат на македонската публика уште од најраната возраст, кога како седумгодишник го испеа познатиот детски евергрин „Марионка“ на фестивалот „Златно славејче“. На 12 години заедно со семејството се селат во САД, каде што станува дел од светски познатиот детски хор во Чикаго. Негово образование по соло и оперско пеење го стекнува на престижните музички школи во светот, вклучувајќи ги академијата „Лирика“ во Милано, престижниот Кралски конзерваториум и Оперската школа при Универзитетот на Торонто во Канада. Прогласен е за најмлад, но и еден од најбараните баритони во Канада. За време на својата дваесет и петгодишна кариера има испеано над 50 главни оперски улоги, меѓу кои се Дон Џовани, Фигаро и Лепорело, и како солист во најеминентните фестивали во светот како Банф, Марлборо, Бритен-Пеарс и Грахтен. Во 2018 г., Васил одлучува да се врати во Македонија, посветувајќи се на креирање автентична музика инспирирана од македонските корени. Ги снима песните „Ѓердан“, „Патувам“ и „Мојата улица“, дополнети со извонредниот акустичен концерт во живо, со сплет македонски евергрини – „Дом. Патување. Љубов.“, како и со голем солистички концерт, насловен „Мојата улица“ во Струмица.