Ги пеам неговите песни среде Пекинг бидејќи го сакам овој пејач, го почитувам, за мене е како супермен. Не ми е важно дали ќе сакаат минувачите да ме слушнат или дали ќе ме разберат што пеам, јас едноставно сакам да ги пеам неговите песни, сакам и другите да ги почувствуваат емоциите што тој ги вложувал во своите песни, вели Ванг Јинглонг

Ванг Јинглонг од Пекинг, на Инстаграм познат како „Wang Xiao Chong“, го обожава Тоше Проески. Ги пее неговите песни, воодушевен е од гласот на Тоше и вели дека сака и другите негови сожители да ги почувствуваат емоциите што извираат од песните на Тоше. Беше пријатно изненаден кога искомунициравме со него, немал претстава дека предизвикал пријатни реакции со неговата изведба на „Чија си“ среде Пекинг.
– Го сакам Тоше. Првпат ги слушнав неговите песни во 2018 година. Прва негова песна што ме воодушеви беше „Чија си“, едноставно се вљубив во неговиот глас. Тој има ангелски глас и ретко кој би останал рамнодушен. Читав и се информирав за него, за неговата несреќа и навистина сочувствувам, голема трагедија – ни изјави Ванг Јинглонг.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 王小虫 (@wang_xiao_chong)


Ванг е од Пекинг, Кина, и ни раскажа дека го учи српскиот јазик.
– Почнав да учам српски јазик и да ги слушам неговите песни на српски и, еве, сега и да ги пеам. Тоше навистина има многу песни, а јас би рекол дека знам само неколку. Омилени ми се: „Чија си“, „Још увек сањам да смо заједно“, „Боже брани је од зла“, „Beautiful to me“… – вели Ванг.
Тој сака да ја прошири магијата на Тоше низ Пекинг и сите да ја почувствуваат.
– Ги пеам неговите песни средe Пекинг бидејќи го сакам овој пејач, го почитувам, за мене е како супермен. Не ми е важно дали ќе сакаат минувачите да ме слушнат или дали ќе ме разберат што пеам, јас едноставно сакам да ги пеам неговите песни, сакам и другите да ги почувствуваат неговите емоции што тој ги вложувал во своите песни. Да го почувствуваат Тоше. Се надевам дека нѐ слуша во рајот и знае дека има голем обожавател далеку од Македонија, во Кина, кој го обожава – дополнува Ванг.
Тој немал поим дека го слушаат во Македонија и дека предизвикал позитивна енергија со изведбата на Тоше.

– Немав претстава дека сум толку популарен во Македонија. Баш се радувам што предизвикав позитивни реакции. Во иднина се надевам дека ќе пеам повеќе негови песни и ќе научам можеби и на македонски – со задоволство ни сподели Ванг.
Голем број обожаватели на Тоше Проески во Македонија беа израдувани од видеото на Ванг Јинглонг, кое многу брзо се прошири и во кое среде Пекинг тој ги пее и свири на гитара песните на нашата најголема музичка ѕвезда. Тој на својот профил на Инстаграм ги постави изведбите на „Чија си“ и на песната „Још увек сањам да смо заједно“ од репертоарот на Проески, а голем број Македонци му испратија пораки на благодарност. Неговото видео има околу 150 илјади прегледи и околу 1.000 коментари.
„Прекрасен си, ти благодариме што ги пееш песните на нашиот Тоше“, „Многу бакнежи од Македонија“, „Те очекуваме да дојдеш во нашата убава земја“, „Продолжи да ја шириш приказната за Тоше“… Ова се само некои од пораките што му ги испратија обожавателите на Тоше од нашата земја на Ванг, благодарни што хитовите на нивниот идол се слушаат и на други континенти, 14 години откако тој веќе не е со нас. Инаку и досега песните на Проески се пееја и повторно се откриваа во многу држави во светот, што е доказ за нивната вредност, но и за големината на нашиот Тоше.