Сликарот Винсент ван Гог веројатно имал две епизоди на делириум тременс поради откажување од алкохол, сугерира новото истражување, а пренесува Би-би-си.
Постимпресионистичкиот сликар, познат по своите дела „Сончогледи“ и „Ѕвездена ноќ“, е исто така познат по тоа што си отсекол левото уво. Ван Гог ја отфрлил епизодата како „напад од лудило на обичен уметник“, а подоцна и како „ментална или нервна треска“.
Најновите истражувања во Холандија сега фрлаат ново светло врз неговата ментална состојба. Експертите од Универзитетскиот медицински центар Гронинген направиле психијатриска проценка заснована врз стотици писма што тој ги напишал, претежно до неговиот сакан брат Тео, како и постоечка медицинска документација.
Откриле дека уметникот најверојатно доживеал две епизоди на делириум тременс предизвикан од откажување на алкохол, по што си го отсекол левото уво. Бидејќи пациентот не може да се прегледа, во овој случај истражувачите нагласиле дека на нивните заклучоци мора да им се пристапи претпазливо.
Се смета дека Ван Гог се борел со комбинација на психијатриски нарушувања, најверојатно биполарно растројство, но неговите сомневања за болеста никогаш не биле дијагностицирани. Според новото истражување, тешко дека холандскиот сликар имал шизофренија. И неговите лекари, според научниците дијагностицирале дека Ван Гог ја „маскирал епилепсијата“.
Ова значи дека пациентот нема класични напади, туку нарушувања во однесувањето кои се базираат на епилептична активност во длабоките делови на мозокот, а сето ова води до вознемиреност, халуцинации и до заблуди. Во случајот на Ван Гог, епилептичката активност можела да предизвика оштетување на мозокот поради начинот на живот. Прекумерна употреба на алкохол, лошата исхрана, несоницата, менталната исцрпеност, сето ова можело да влијале негативно на неговата здраствена состојба, велат научниците. Бидејќи во тоа време немало можност за дополнителни прегледи, тешко е да се утврди дали овие теории може да се засноваат на факти.
Најновото истражување на холандските научници е објавено во Меѓународно списание за биполарни нарушувања. Вилијам Нолен, професор по психијатрија, кој беше еден од водачите на истражувањето, предупредил дека Ван Гог можел да ублажи или дури и да разубави некои од информациите во неговите писма.
– Иако тие содржат многу податоци, мора да имаме предвид дека тој не им ги напишал на лекарите, туку на членовите на семејството и роднините. Неговата цел беше да ги смири или нешто да постигне. Затоа нашиот напис сигурно нема да биде последен што ќе се занимава со болеста на Ван Гог – вели Нолен.
Креативноста на Ван Гог понекогаш се припишува на неговите проблеми со менталното здравје, но уметничките експерти тврдат дека неговите достигнувања се засноваат на вештини на кои напорно работел со години. Всушност, тој ретко творел за време на периоди на психоза.
И покрај внатрешните превирања, Ван Гог бил длабоко мотивиран да продолжи да слика и ги опишал „длабоките пријателства“ како единствен лек. Тој починал на 29 јули 1890 година, само два дена по обидот за самоубиство.