Авторка: Дон Енис

Форбс

Валентина Сампајо веќе се најде на насловните страници како прв трансродов модел за „Викторијас сикрет“, но сега таа постигна уште поголем успех во однос на професионалните ангажмани. Таа беше избрана како една од осумте моделки за кампањата на „Спортс илустрејтед“ за костими за капење за 2020 година. Бразилската супермоделка ги сподели вестите во објава на Инстаграм.

– Многу сум возбудена и огромна чест ми е да бидам дел од легендарната кампања за костими за капење на „Спортс илустрејтед“. Тимот на списанието креираше уште едно пионерско издание со тоа што спои различен сет на мултиталентирани, прекрасни жени на еден креативен и достоинствен начин – истакна таа во објавата на социјалната платформа.

Списанието „Спортс илустрејтед“ не наведе, истакна или спомена дека Сампајо е трансродов модел сè до последниот дел од интервјуто со неа, во кое таа дава свој одговор на прашањето каква порака би си упатила до себе кога имала 14 години.

– Да бидам силна и зрела. Да сфатам дека ќе има моменти во кои особено ќе биде тешко затоа што нема да имам животно искуство за да се справам со нив со леснотија. Да не се чувствувам „чудно“ во своја кожа, да не се срамам и да не се плашам затоа што сум трансродова личност –  наведе таа во одговорот на прашањето.

Во својата објава на Инстаграм, таа даде поширок опис за своето гледиште.

– Се родив како трансродова личност во едно далечно, рибарско селце во северен Бразил. Бразил е прекрасна земја, но исто така има највисок број на насилства и убиства против трансродовата заедница во светот и тоа три пати поголем од оној во САД. Да се биде трансродова личност обично значи да се соочиш со ограничени срца и ставови на луѓето. Ние се соочуваме со презир, навреди, туѓи стравови и физичко насилство само затоа што постоиме. Имаме неверојатно ограничени опции да растеме во семејство со љубов и прифаќања, да имаме солидна образовна основа или да најдеме достоинствена работа – наведе таа во објавата.

Иако „Спортс илустрејтед“ ја окарактеризира како „почетничка“, таа воопшто не изгледа така како една од трите моделки во костими за капење, кои ја красат насловната страница на специјалното издание кое првпат беше објавено во 1964 година, и е заслужно за популаризацијата на бикините. Годинашното специјално издание се објавува во време кога американскиот врховен суд донесе пресуда американските трансродови личности да се правно заштитени од дискриминација врз основа на нивниот родов идентитет, а администрацијата на Трамп активно работи да го укине здравственото осигурување за оваа маргинализирана група, па дури и познатата писателка Џ. К. Роулинг се огласи во јавната дебата на оваа тема дали трансродовите жени се всушност жени, во која таа го даде својот негативен став.

Во интервјуто со Сампајо, таа вели дека добива „лична и професионална“ инспирација секогаш кога ќе добие „шанса гласно да се залага за секој што се соочува со предрасуди“. Таа на оваа тема зборуваше со водечката група на интерес за ЛГБТ правата „ГЛААД“ во ексклузивно интервју. На прашањето која песна сака да ја слушне во изведба на кој било светски музичар, таа го посочи хитот „I am what I am“ од 1974 година на Глорија Гејнор, кој важи за химна во ЛГБТК заедницата и беше искористен во бродвејската претстава „Затвор за лудите“.