Трубите се слушаат додека Џејсон Кингсли галопира на неговиот коњ низ зелените предели на Оксфордшир во Велика Британија. Тој е вешт во мечување и во стреличарство, како и експерт во повеќе видови на средновековна борба, што е неочекувано за еден од најуспешните британски претприемачи, пишува магазинот „Форбс“.
Кингсли е извршен директор на компанијата за видеоигри „Ребелион девелопментс“ од Оксфорд, што ја основаше заедно со неговиот брат, а која оствари продажба во вредност од безмалку 45 милиони евра минатата година. Но, Кингсли не живее вообичаен живот, туку секојдневно го поминува времето како средновековен витез.
– Имам 14 коњи, живеам на фарма, учествувам во витешки дуели и го практикувам витештвото. Не постои слично чувство на носењето оклоп, јавајќи коњ во жестината на симулираната борба – вели Кингсли, чија канцеларија ја красат витешки оклопи, копја и други средновековни оружја.
Неговата љубов кон витештвото потекнува од детството, кога се заинтересирал за јавањето коњи и за историјата.
Модерниот витез тврди дека неговата пасија кон средновековната вештина е потполно безбедна, и оти му донела успех и во работата. Кингсли беше одликуван со орден на британската империја поради неговите заслуги за британската економија, во 2012 година.