Досега се претпоставувало дека цртежите на човечки фигури што ги красат камените засолништа на Абориџините во Западна Австралија, во регионот Кимберли, настанале пред 17.000 години, па дури и порано, но новата студија дошла до поинаков заклучок.
Имено, според собраните податоци до кои дошле научниците, овие цртежи би можеле да бидат и понови, а најверојатно настанале пред 12.700 до 11.500 година, објави списанието „Сајанс њуз“.
Многу е тешко да се утврди од кој период потекнуваат цртежите на камењата во Југоисточна Азија и на други места во светот. Геологот Демијен Финч од Универзитетот во Мелбурн и неговите колеги се обиделе со метод со користење радиоактивен јаглен да ја утврдат староста на 24 кошници од пчели направени од кал, кои стврднати се наоѓале под карпите на кои биле најдени цртежите на Абориџините.
Овие цртежи се пронајдени на 14 карпи и прикажуваат човечки фигури и предмети, како што се бумеранг и копје.
Претходно, една студија од 1997 година утврдила дека овие цртежи се стари 16.400 години, исто така врз основа на староста на калта што пчелите ја користеле за изработка на кошниците.
Овој метод на оценување на староста, сепак, би требало да го потврдат и други методи за датирање, бидејќи само со прецизно утврдување на времето во кое настанале ќе може да се направи увид и во културниот и социјален живот на Абориџините.