Били, самиот за себе, вели дека е вид музичар што сака да создава нов оптимизам, бидејќи бил убеден во исцелителската моќ на музиката и нејзината способност да предизвикува општествени промени
Били Ајдол е панкрок-музичар од Велика Британија, кој првата популарност ја стекна во лондонскиот бенд „Генерација X“, а вистинската слава како соло-пејач во САД, градејќи соработка со извонредниот гитарист Стив Стивенсон и снимајќи спотови за неговите хитови, кои станаа многу популарни на каналот Ем-ти-ви.
Вистинското име на овој британски панкрок-музичар е Вилијам Мајкл Алберт Броуд. Роден е на 30 ноември 1955 година. Од најмали нозе е голем обожавател на панк-легендите „Секс пистолс“ и всушност преку нив се заразува со рок и панк-музиката. Музичката кариера ја започнува од крајот на седумдесеттите години на 20 век, како пејач на групата „Генерација X“, со која снима три музички албуми. Иако тие како музичари му припаѓаа на панк-движењето, тематски повеќе се потпираат на наследството на британските рок-групи од крајот на 1960-тите години, отколку на тогаш актуелниот бунтовен панк.
Го забележува менаџерот на групата „Кис“, Бил Оукин, и го носи во Америка за да направи од него идол за младите вљубеници во рок и панк-музиката. Во тоа време Били Ајдол има шармантен имиџ на лош но убав младич, па на тој фазон Оукин започна од него да прави рок-ѕвезда. Таквиот музички профил на Били Ајдол се покажа како идеален за каналот Ем-ти-ви, кој тогаш почна со работа. Кога му се придружи спектакуларниот гитарски виртуоз Стив Стивенс, Ајдол со него ги сними неговите најмоќни музички албуми. Бидејќи се работеше за здружување на два извонредни музичари, успехот не изостана. Во 1982 година го снимија албумот „Били Ајдол“, од кој произлегоа хитовите „Hot in the City“ и „White Wedding“.
Се навестуваше препознатливиот музички стил на Ајдол, под влијание на постпанк, њувејв и синтпоп-музиката. Инаку, спотот за песната „White Wedding“ е дело на генијалниот Дејвит Мелет, кога се појави беше многу актуелен, а денес важи за еден од најиконичните видеозаписи. Тоа е еден вид поетска референца за консумирање наркотици, во која има садомазохистички црни костими, катедрала, ритуал на венчавање во готски стил, мртовечки ковчег, мотор, како знаци на скриен окултизам, типични за дарк-движењето, на кое Ајдол воопшто не припаѓаше. Но овие два хита создадоа „Били Ајдол звук“, а Били и бендот влегоа во посебна рокенрол-димензија. Следуваше ајдолманијата кај тинејџерите…, а другото, сега веќе е историја.
Сепак, најголемата светска слава ја стекна со албумот „Rebel Yell“ во 1983 година. Најголеми хитови од тој албум се: „Rebel Yell“, „Flesh for Fantasy“, „Cats My Fall“ и „Eyes Without a Face“. За последната, Мелот направи извонреден спот – уметнички минимализам, кој непрекинато се емитуваше на каналот Ем-ти-ви и на Били веќе никој не можеше да му го одземе шоуто.
Благодарение на тие енергични албуми и на извонредните хитови, наградите се редеа едни по други. Успехот на Били Ајдол во голема мера се потпираше на виртуозниот гитарист Стив Стивенс, кој му беше незаменлив партнер во нивните најпознати музички проекти. Стилот на свирење на гитара на Стивенс е експлозивен, динамичен, мелодичен и духовит. Поради овие вредности, покрај тоа што беше неразделен партнер на Били Ајдол, имаше шанса да соработува со голем број музичари од рок и поп-сцената. Најпознати од нив се Мајкл Џексон, со кого соработуваше на албумот „The Bad“, Винс Нил, кој му гостуваше на албумот „Exposed“, а сега и со Мајл Монро, кому му помогна во снимањето на албумот „Jerusalem Slim“. Беше член на интересниот музички проект „Левин Боцо и Стивенс“, а ја предводеше и групата „Стив Стивенс атомик плејбојс“.
Една од најпознатите песни на Били Ајдол е „Craddle of Love“, чиј спот ја освои наградата на Ем-ти-ви. Позната е и песната „Speed“, која е снимена зa истоимениот филм, во кој главните улоги ги играат Кијану Ривс и Сандра Булок.
Исто така снимил осум студиски и шест компилации албуми со најдобри хитови, од кои најдобри, најслушани и најпродавани се: „Rebell Yell“ (1983), „Charmed Live“(1986), „Bili Idol: VH1 Story Tellers“ (2001), „Devil’s Playground“(2005) и „The Very Best of Billy Idol – Idolize Yourself“.
Од Стивенс, пак, вреди да се чуе и наградената инструментална тема „Top Gun Anthem“, како и неговото свирење на албумот „Expossed“ на Винс Нил и неговиот соло-албум „Flamenco A Go Go“. Карактеристично е да се каже дека албумот „Cyber Punk“ од 1993 година е еден од првите снимен во домашни услови, како што тоа беше пред него Стинг со албумот „Ten Summoners Tales“, што во тоа време беше револуционерен пристап во создавањето музика.
Били, самиот за себе, вели дека е вид музичар што сака да создава нов оптимизам, бидејќи бил убеден во исцелителската моќ на музиката и нејзината способност да предизвикува општествени промени. Негуваше имиџ на оригинален панкер: со панк-разбушавена коса и кожена јакна во стилот на Џим Винсент, а сето тоа проследено со војничка елеганција. Самиот кажува дека негови идоли биле „Битлси“, „Рамонс“, Џим Морисон, Џим Винсент и Лу Рид. Отсекогаш имал рокенрол-сон за тоа во кожени панталони да предводи панк-бенд, што и му се остварило. Можеби и најголем негов идол бил Марк Болан, бидејќи тој самиот верува дека е вистински рокенрол-дух и со причина го сметаат за еден од пионерите на панкот.
Неговиот живот е полн со подеми и падови, зад кои се крие вистинската приказна – полна со секс, дрога и рокенрол. Но неговиот став отсекогаш беше неконформистички – вистински рокенрол-став, по што беше и сѐ уште е препознатлив.
Били Ајдол сѐ уште е музички активен, витален и продуктивен, издава нови албуми, а неговите концерти се вистински извор на музичка енергија и сѐ уште никого не го оставаат рамнодушен. Од панкер во лондонските бендови до мејнстрим-мегаѕвезда на музичкиот канал Ем-ти-ви, сѐ до денешен ден Били Ајдол останува легенда на рокенролот.
Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“. Заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите (во комбинирана техника и колаж) на музичките ѕвезди