Ликот од ТВ-серија „Мандалоријан“, бебето Јода, моментно ужива поголема популарност од кандидатите на демократската партија на претстојните претседателски избори во САД, пренесува „Форбс“.
Според податоците на фирмата за следење на активноста на социјалните мрежи „Њузвип“, бебето Јода кое беше претставено од „Дизни плус“, во просек има двојно повеќе социјални интеракции од демократските кандидати за претседател на САД.
– Бебето Јода се појави на социјалните мрежи кога мајорот Мајкл Блумберг и бившиот гувернер Девал Патрик влегоа во претседателската трка. Иако слаткото бебе Јода не постои во вистинскиот живот, тоа предизвикува 10 пати повеќе интеракции од нив, кога станува збор за коментирање и споделување на нивните објави – пренесува „Њузвип“.
Бебето Јода од филмскиот серијал „Војна на ѕвездите“, кое во првото појавување во серијата „Мандалоријан“ е на возраст од 50 години, ги освои срцата на илјадници луѓе, што според експертите, претставува очекувана реакција.
– Станува збор за природата на човекот и човековото внимание, кое лесно се оттрга благодарение на сјајни предмети, или уште почесто, крзнени слатки животинчиња – објаснува консултантот за социјални медиуми, Лон Сафко, автор на „Библија за социјални медиуми“.
Луѓето преферираат да го оттргнат своето внимание од изборите, објаснува Сафко, бидејќи „човекот е склон да бара работи што го прават среќен, а гледањето во слатки, крзнени животинчиња што танцуваат дефинитивно спаѓа во категоријата на работи што нѐ прават да се чувствуваме среќно“.