По објавата за бременоста на Меган Маркл
Британските медиуми пренесуваат реакција на Бакингемската палата на веста дека Хари и Меган го чекаат своето второ дете: „Нејзиното височество, војводата од Единбург, принцот од Велс и целото семејство се воодушевени и им посакуваат сѐ најдобро“. Кралското семејство било претходно известено за бременоста.
Меган и Хари се родители на Арчи Маунтбатен-Виндзор, кој е роден на 6 мај 2019 година. Тричленото семејство на војводата и војвотката од Сасекс набргу ќе стане четиричлено, бидејќи Меган Маркл го очекува своето второ дете со принцот Хари. Среќната вест беше објавена на Свети Валентин, а ја потврди и портпаролот на двојката: „Можеме да потврдиме дека Арчи ќе биде поголем брат. Војводата и војвотката од Сасекс се пресреќни што го чекаат своето второ дете“.
Најавата беше дополнета со нова фотографија од двојката, снимена од нивниот пријател Мисан Хариман. Црно-белата фотографија ја покажува двојката во градина, насмеаната Меган ја потпира главата во скутот на принцот Хари, со раката на нејзиниот стомак. Иако нејзината бременост е јасно видлива, проценетиот датум на породување допрва треба да биде објавен.
Хариман на Инстаграм напиша: „Мег, јас бев таму на вашата венчавка за да сведочам за почнувањето на оваа љубовна приказна и, моја пријателке, чест ми е што можам да го доловам моментот кога таа приказна расте. Честитки за војводата и војвотката од Сасекс за оваа радосна вест!“