Една фотографија од 2015 година го обиколи светот. Македонката Јасмина Голубовска, во миг на бунт, го бакна заштитниот штит на полицаец. Оваа храбра млада жена со бакнеж одговори на полициската бруталност. Сцената ја забележа фотографот Огнен Теофиловски
Симболиката на црвениот кармин низ времето
Носејќи црвен кармин, жените од целиот свет повеќе од еден век протестираат за своите права. Можеби приказната почна кога во 1912 година илјадници борци за женски права маршираа покрај салонот на „Елизабет Арден“ во Њујорк. Таа е основачка на познатиот козметички бренд, а бизнисот го почна две години претходно. Беше заговорничка за женските права, а на протестантките им подели по еден црвен кармин.
Предводничките на борбата за право на глас Елизабет Кеди Тентон и Шарлот Перкинс Гилман го прифатија црвениот кармин како знак на бунт и ослободување.
– Не може да постои поидеален симбол на женска борба од црвениот кармин. Овој бунт е борба за женската сила и повеќе од тоа – вели Рејчел Фелдер, авторка на книгата „Црвен кармин: ода на иконата на убавината“.
Низ вековите црвениот кармин отсликувал многу нешта, од неговата рана употреба меѓу елитата во Стар Египет и меѓу проститутките во Античка Грција, до неговиот статус во раниот Холивуд, како симбол на гламур. Во повеќе нијанси, оваа боја беше моќно културолошко оружје на кое со векови му се давале различни значења.
Сѐ додека карминот не стана масовно прифатен во почетокот на 20 век, црвените усни се поврзуваа со жените со сомнителен морал, па дури и со ерес. Во средниот век црвените усни се сметале за знак на поврзаност со ѓаволот.
– Шминкањето се поврзувало со мистериозната застрашувачка женственост – нагласува Фелдер.
Потоа, како што објаснува авторката во својата книга, во американското движење за право на глас, жените масовно прифатиле да ставаат црвен кармин, а потоа тоа го направиле и нивните приврзанички во целиот свет. Така, движењето за женски права се проширило во Европа, Австралија, на Нов Зеланд, со поддршка на британските и американските организации. Се организирале маршеви, се штрајкувало со глад, но имало и мошне агресивни воени стратегии. Таа солидарност ја опфатила и нивната шминка. Инспирирана од своите колешки во Америка, лидерката на британските борци за право на глас Емелин Панкхурст го фаворизирала црвениот кармин, што ѝ помогнало да го рашири овој симбол меѓу активистките што ја следат.
Иако феминистките го популаризирале црвениот кармин, Фелдер забележува дека тој сѐ повеќе бил прифатен од жените што во тој период се ослободиле и од тесните корсети, кои ги замениле со поедноставни градници што ги дизајнирала Коко Шанел.
Откако почнале да ставаат црвен кармин, жените предизвикале вистински бунт во бурните 1920-ти години, кога почнале да носат и машки костуми.
– Во текот на Втората светска војна, црвените усни имале свој акт на пркос. Во сојузничките земји тоа станало знак на патриотизам и чин против фашизмот. Кога поради данокот во Велика Британија црвениот кармин значително поскапел, жените усните ги боеле со сок од цвекло. Бидејќи мажите оделе во војна, жените останувале дома и ги извршувале своите обврски, но не заборавале да ги обојат усните црвено. Тоа им овозможило да го задржат чувството на сопствен идентитет – објаснува Рејчел Фелдер.
„Ние можеме“ е името на американски плакат од Втората светска војна, кој го изработи уметникот Џон Хауард Милер во 1943 година за „Вестингхаус електрик“, како поттик на моралот на жените-работнички. Интересно е дека девојката на него исто така има црвени усни. Плакатот најголема популарност стекна во 1980-тите години, кога беше наречен и „Рози д Риветер“ и стана заштитен знак на феминизмот во светот.
Во текот на 1941 година, црвениот кармин стана задолжителен за жените што станаа дел на американската војска. Козметичките брендови почнаа тренд за време на војната заедно со Елизабет Арден, која ја создаде марката „виктори ред“, а, пак, Хелена Рубинштајн својот црвен кармин го нарече „региментал ред“. Сепак, Арден подоцна го креира и карминот „монтезума ред“, кој стана доста популарен и таа боја беше обележје на женските униформи.
По војната, популарната холивудска глумица Елизабет Тејлор и други нејзини колешки, со носењето црвен кармин му додадоа гламур на својот изглед.
И денес црвените усни се полн погодок. Една слика од 2015 година стана вирална, кога Македонката Јасмина Голубовска, во миг на бунт, бакна штит на полицаец, во текот на протестите против Владата и остави црвена трага од своите усни. Оваа храбра млада жена со бакнеж одговори на полициската бруталност. Сцената што го обиколи светот ја забележа фотографот Огнен Теофиловски.
Во Никарагва во 2018 година мажите и жените ставале црвен кармин и објавувале фотографии на социјалните мрежи во знак на поддршка за ослободувањето на антивладините демонстранти. Тие го направиле тоа по угледот на активистката Марлен Шоу, која им пркосела на испитувачите со тоа што носела црвен кармин.
Минатиот декември 10.000 жени во Чиле излегле на улица носејќи црвени шалови и црвен кармин, за да го осудат сексуалното насилство во земјата.