Џејмс Мекавој, професорот Чарлс Егзевиер во „Мрачниот феникс“

Во филмот „Мрачниот феникс“, тимот на Екс-мен се соочува со едни од најтешките и најличните предизвици досега. Дејството се случува во 1990-тите години додека тимот се обидува да го прифати новиот статус на херои и воедно да биде прифатен од општеството. Џејмс Мекавој повторно се враќа на филмското платно да ја одигра улогата на Чарлс Егзевиер, водачот на Екс-мен. Тој зборува зошто решил да се врати во улогата на професорот Екс, за соработката со режисерот Сајмон Кинберг и дали им е љубоморен на суперхеројските костими на неговите колеги.

Се враќа оригиналната актерска екипа. Што ве натера вас да се вратите?
– Има повеќе причини. Сите уживаме во играњето на овие ликови. Секогаш уживав кога бев дел од филмовите за Екс-мен. Многу ја сакам оваа актерска екипа, како и филмската екипа, од луѓето како нашиот продуцент Хач, нашиот сценарист и сегашен режисер Сајмон, како и помошниот режисер и продуцент Џош Меклаглен. Ова е огромно семејство што постои речиси 10 години и на кое сите сме посветени. Посветен сум му на ликот што го играм, имам шанса да го развивам Чарлс и да го однесам до нови хоризонти.

Што се случува со ликот на Чарлс?
– Претходно можеби беше водечка фигура или лидер на едно општествено движење, а сега е водечка фигура и лидер на политичко движење и така се гледа себеси. Едно од интересните нешта е што ги оправдува сите негови одлуки, затоа што е верен на своите принципи, но мислам дека заборава дека тие принципи постојат за да ги заштитуваат луѓето на кои треба да им е посветен. Тие се неговото семејство, неговиот вид, неговата раса, а тој на моменти заборава на тоа. Тој се стави на прво место, се гледа себеси како лидер и претставник на мутантите во човештвото. Тој ги оправдува своите одлуки што ги донесува поради своето его и на тој начин што станува центар на вниманието. Ако се навратите на филмот „Прва класа“, таму сакав нешто вакво да вдахнам во ликот, да стане малку егоцентричен. Кај Чарлс секогаш било интересно што тој е несебичен, не е суетен, многу е мудар, го води емпатијата, а неговиот карактер е дефиниран токму од алтруизмот и чистата природа, како и потребата да им помага на другите. Во „Прва класа“ ликот не го направивме ниту лош, ниту добар, туку се обидовме да му внесеме малку егоцентричност. Ова го немаше во другите два филма, а во сегашниот тоа го вративме, што мене лично ми се допадна.

Тој како да се оддалечува од неговите принципи.
– Мислам дека не сфаќа дека тоа му се случува. Мислам дека тоа не е неговата цел. Иако Чарлс отсекогаш се потпирал на емоционалната, личната и психолошката страна, сега одговорноста е негова и станува позагрижен за наследството, за политиката и слични нешта. Тој се оддалечува од својата природа, па поради тоа влегува во конфликт со неговите долгогодишни сојузници и пријатели. Земете го за пример Хенк, кој со години е негова поддршка. Луѓето сакаат да зборуваат за односот меѓу Магнето и Чарлс, но всушност Хенк е тој што го води низ животот. Низ годините му беше сè, а ние секогаш сметавме дека добро би било да имаме посебна серија за чудната двојка, за тоа што прават Хенк и Чарлс во палатата на Екс-мен, за нивната чудна, нефункционална врска.

Овој пат Сајмон е режисер на филмот. Како беше да се работи со него?
– Кога Сајмон ја презеде режисерската палка на „Мрачниот феникс“, тој веќе претходно работеше со нас во сценарискиот, режисерскиот и продукцискиот дел. Отсекогаш бил подготвен за соработка на сценариото, доколку имавме наши идеи за негово подобрување, за дијалозите, па дури и за целиот тек на ликовите. Тој понекогаш целосно ќе ја променеше генералната слика, а нас ќе ни ја довереше задачата да дадеме придонес во дијалозите. Исто така, доколку добиеше некаква идеја да се направи мала промена, ние без никаков проблем ги слушавме насоките на Сајмон за да ја доловиме вистинската смисла. Беше многу природно што тој ја презеде режисерската палка за овој филм. Интересно е што неговиот природен инстинкт го водеше целиот филм да го потпре на глумата. Точно, спектаклот требаше да се задржи, но некои нишки требаше да станат посуптилни за да се добие убава слоевитост на приказната. Истовремено требаше сè да се упрости, да биде реално, да има драма, но и возбуда, акција, сценски ефекти и, нормално, да има емотивен набој.

Зборот со кој најдобро се опишува овој филм е рамнотежа.
– Ако имате ликови за кои сте силно заинтересирани и кои се доволно екстремни, глумата и приказната ќе бидат вашите специјални ефекти.

Џесика Честејн е нова во филмот. Имате претходни заеднички соработки со неа. Во колку сцени глумевте заедно?
– Мислам дека снимивме една сцена заедно, за жал! Всушност, имав неколку сцени со нејзиниот лик, но таа не беше секогаш присутна на сетот, затоа што се работеше на зелено платно. Една од причините поради која таа рече дека ја прифатила улогата беше затоа што сакала повторно да се дружиме и да глумиме заедно, но за жал, не ни се совпаднаа целосно коцките. Паметам дека бевме малку разочарани што немавме повеќе заеднички сцени. Таа е одлична актерка и воедно има докажана репутација. Таа е брилијантна и многу забавна на снимањата. Истовремено е професионална и ужива во работата, нешто што јас многу го ценам. Ние сме големо семејство и долго време работиме заедно, така што одлично се сложуваме меѓу себе. Можеби за некој друг што прв пат доаѓа на филмскиот сет ќе беше малку потешко, но таа веднаш се вклопи во тимот.

Софи рече дека на снимањето имало многу шегување.
– Точно, јас бев предмет на шегите. Има еден дел каде што моето тело го контролира Џин Греј, а за тоа да се постигне бев поврзан со жици што ми ги движат деловите од телото. На шегаџиите им беше многу смешно како тоа изгледаше и воедно со звуците од песната „Макарена“ во заднина.

Изгледа како актерската екипа да е подобро организирана овој пат.
– Во „Апокалипса“ и во овој филм бевме подобро организирани. Се трудевме да го направиме филмот во пократко време. Сите бевме свесни дека ова му е прв филм на Сајмон како режисер и сите сакавме да му дадеме поддршка и да дадеме сè од себе. Веројатно поради тоа бевме помотивирани. Исто ќе постапевме и некој друг да беше режисер, но бидејќи тој е дел од семејството, сите сакавме да му излеземе в пресрет.

Дали ова ќе биде последниот филм?
– Секогаш кога завршуваме со снимање, се чувствуваме како да ни е последен филм. Како актер, само во последните 5-6 години почнав да размислувам дека можеби нема да ми биде последен пат да глумам во филмот. Кога станува збор за Екс-мен, секогаш мислев дека секој филм ќе биде последен и дека е одлично актерско искуство. Сега други луѓе ја купија франшизата и којзнае што ќе се случува понатаму. Но ако овој е последниот филм, мислам дека е добар крај, од раскажувачка гледна точка. Барем споредено со другите четири филма што ги снимив во изминатите 10 години, ми се чини дека овој има добар крај и дека ќе бидете задоволни од понуденото.

Дали беше интересно да го развивате ликот во изминативе 10 години?
– Да, забавно беше да се игра ликот на Чарлс сиве овие години. Имав шанса да го портретирам на многу различни начини и во различни фази од неговиот живот, од кариерата, дури и како јавна личност. Од „Прва класа“ до „Денови на идното минато“ не можете да го препознаете ликот. Во „Апокалипса“ е уште поразличен. И во овој филм е малку поразличен и повеќе потсетува кога беше во „Прва класа“, но со огромна заднина, како јавна личност. Супер е што како актер имам можност да го градам ликот на разни начини. Навистина не ми изгледа дека играм еден ист лик цело време, туку дека се работи за различни. Ова делумно се должи на фактот што иако меѓу филмовите има растојание од една до две години, сепак во филмот настаните се случуваат на секои 10 години, што значи дека можете да правите големи скокови и да покажете што се случувало со ликовите во заднина и општо што е различно во секој филм со секој од ликовите.

Не носите костим како другите ликови. Дали сте им љубоморен на колегите?
– Би сакал да облечам суперхеројски костим. И овој пат костимите беа за неколку актери и беа мошне практични. Но генерално сакам да носам таков специјален костум, иако е непријатно, маката се исплати. Дури и малку сум им љубоморен. И јас имам свој костим што го носам во акција, а тоа е ролката што, морам да признаам, ми се допаѓа.

Во најавата за филмот можеме да видиме што мисли Чарлс и како Ерик, ликот на Мајкл Фасбендер, реагира на тоа. Дали ова значи дека ќе има подбивање?
– Не се работи за подбивање, затоа што по природа Сајмон сака да направи нешто што ќе биде антитеза на некои од мотивите што постојат и да ги направи пореални. Мислам дека има повеќе тежина меѓу Чарлс и Ерик, затоа што многу пати претходно се расправаа за истото, што практично ја испраќа пораката дека „се работи за добар човек“, постоењето на „комплексот на спасител“, „желбата да се спаси нечиј живот по цена на другите“. Ерик е пореален и подиректен, затоа што смета дека „проблемот треба да се реши во коренот“. Неговиот лик сака да каже дека „не треба повторно исто да се постапи како претходно, туку директно да се стапи во акција!“

Превод:
Билјана Здравковска
[email protected]