Јан Флеминг, човекот што стои зад светски познатите романи за Џејмс Бонд, исто така бил дел од планот за сојузничка инвазија на Шпанија за време на Втората светска војна, како што открија истражувачите
Иако најдобро е познат како писател, Флеминг исто така бил морнарички разузнавач, кој бил вклучен во операцијата „Златно око“, во која предводел две разузнавачки единици – „Напаѓачка единица 90“ и „Т-форс“. Длабочината, деталите и заднината на романите за Џејмс Бонд потекнуваат токму од неговата служба во војската и неговата кариера како новинар. Сепак, една операција не го дала посакуваниот резултат.
Истражувачите откриле дека Флеминг исто така одиграл важна улога во планот за сојузничка инвазија на Шпанија, кој никогаш не се остварил. Флеминг бил стациониран на Гибралтар за време на Втората светска војна, каде што имал задача да ги следи нацистичките шпиони во Шпанија, која била под власта на Франциско Франко, кој се заканувал дека ќе склучи сојуз со силите на Оската. Тој бил под команда на адмиралот Џон Годфри, на кого, како што шпекулираат многумина, се темели ликот на М, мајсторот за шпионажа во романите за Бонд.
Двајцата заедно ја воделе операцијата „Столб“, во која подготвувале мапи на шпанските градови пред планираната инвазија. Деталите биле прецизирани благодарение на британските шпиони, заедно со фотографиите што кралските воздухопловни сили ги сликале во операциите за воздушно извидување на одредот под наредба на Флеминг.
Мапите ги откриле Фернандо Санз и Сесар Гварденое, едниот од универзитетот „Тексас“ во Остин, а другиот од универзитетот „Принстон“ во Њу Џерси. Санс, кој завршил географија и е специјалист по картографија, случајно ја пронашол мапата што датира од 1942 година во неговиот роден град Валенсија.
На белешката на неа се вели дека оригиналниот примерок на мапата бил дело на службите од топографскиот оддел, нацртана од страна на Годфри и Флеминг. За „Ел паис“ тој изјавил дека „мапата на Валенсија била многу интересна, со многу детали и добро обележени цели“. Станувало збор за тактичка мапа за развој на борбени, напаѓачки стратегии и била многу едноставна и јасна.
Двајцата експерти исто така откриле дека шпанската инвазија било планирано да се случи истовремено со операцијата „Факел“, во која сојузничките сили ја нападнаа француска Северна Африка во 1942 година.
Николас Ранкин, кој пишуваше за периодот кога креаторот на Бонд бил шпион, изјави дека „Флеминг планирал низа напади на шпански градови ако Франко одлучел да му помогне на Хитлер кога сојузничките сили ја нападнале Северна Африка“.
Гибралтар и натаму предизвикуваше вознемиреност кај сојузничките сили покрај стравовите дека Хитлер може да се обиде да го нападне и да стекне контрола врз Медитеранот.
Санз ги пофали пилотите покрај Флеминг и Годфри за нивната работа за време на Втората светска војна и додаде дека тие „се големи херои за кои никој не знае“.
На почетокот од оваа недела, британскиот портал „Експрес“ откри нови тајни од Втората светска војна за мапите на Винстон Черчил, за тајните подземни бункери што сè уште се наоѓаат под Лондон. Черчил наредил да се изградат неколку бункери што претходно се користеле во Првата светска војна како склад за оружје, владина команда и контролни центри, а вакви складишта постоеле во целата територија на Велика Британија.