Селото Ле Шамбон-сур-Лињон во југоисточна Франција доби наследство на еден Австриец, како знак на благодарност неколку децении откако го спасило неговото семејство за време на Втората светска војна, пренесуваат светски медиуми.
Ова француско село заштитило околу 2.500 Евреи од прогонот на нацистите, а меѓу нив било и семејството на Ерик Швам, кој починал минатиот месец на 90-годишна возраст.
Жан-Мишел Ејро, градоначалникот на Ле Шамбон-сур-Лињон изјави дека Швам им оставил голема сума пари, не прецизирајќи за колку станува збор. Официјални лица кажаа дека Швам од порано бил во контакт со локалните власти и дека вкупниот износ ќе биде околу два милиона евра.
– Тој бил многу дискретен господин и не сакал голем публицитет за неговиот гест. Малку знаевме за донаторот, но направивме истражување – изјави Дениз Ваја портпаролката на градската власт.
Семејството на Швам потекнувало од Виена и тој дошол со татко му и баба му во селото во 1943 година. Нејасно е како стигнале таму, откако претходно биле во воен камп во јужна Франција. Податоците кажуваат дека родителите на Швам се вратиле во Виена по војната, додека тој во 1950 година се преселил во Лион, Франција, каде што студирал фармација и ја запознал својата сопруга. Според локалните извештаи, парот немал деца и Ерик бил вдовец пред неговата смрт на 25 декември минатата година.
Жан-Мишел Ејро, градоначалникот на Ле Шамбон-сур-Лињон за „Франс прес“ изјавил дека парите од наследството на Ерик Швам ќе биде искористено за финансирање на образование и младински иницијативи. Ле Шамбон-сур-Лињон има долга историја на давање засолниште на прогонети за што од државата Израел добило специјално признание.