На 9 јули срцето на градот повторно ќе пулсира во ритамот на добрата музика со летниот музички фестивал на отворено, под насловот „Звукот на Скопје“, во организација на Културно-информативниот центар од Скопје.
Фестивалот, кој стана препознатлив симбол на урбаната културна сцена, ги обединува љубителите на различни музички жанрови и уметноста и им нуди незаборавно искуство под отворено небо. „Звукот на Скопје“ не е само фестивал – тој е културен настан што ги слави музиката, уметноста и духот на градот.
Годинава на сцената повторно ќе настапат свежи домашни музичари, кои со својот уникатен звук ќе создадат вистинска магија на летната вечер, меѓу кои ќе бидат артисти како Педро Хоризонте, Мартин Џорлев и многу други.
Дваесеттото издание на фестивалот ќе се одржи на локацијата наречена Кулпарк, која се наоѓа пред Културно-информативниот центар (во претходните изданија се одржуваше под името „Звуците на чаршијата“, а веќе четврти пат под новото име „Звукот на Скопје“).
На овој фестивал претходните години настапуваа еминентни имиња, како што се Констракта, „Љубојна“, Китановски, Дина Јашари, Натали, „Фолтин“, „Занаду“, КЕМ, „Стој, после“, Хајка, Зарина, Риб, Калевала и многу други.