Фото: Пекселс

Она што е удобна температура за некои е премногу студено, а претопло за други луѓе. Така, човековата перцепција за топлина варира, а тука и полот, но и возраста имаат важна улога. Жените, имено, го чувствуваат студот побрзо од мажите, потврдува Ралф Брандес, професор по Физиологија на Универзитетот „Гете“ во Франкфурт, Германија, и член на одборот на Германското физиолошко друштво. Тој научно ги објаснува причините за тоа.

– (Жените) обично, имаат помала мускулна маса и, следствено – помала стапка на метаболизам, па така, создаваат помалку топлина. Повеќе мускулна маса ја зголемува стапката на Вашиот метаболизам дури и во мирување, што значи дека согорувате храна за побрзо да создадете енергија, а тоа го загрева Вашето тело. Контракциите на скелетните мускули – намерни или ненамерни, се основен извор на произведување топлина – вели д-р Брандес.

Според Рудигер Келинг, директор на Институтот за физиологија „Оскар Лангендорф“ при германскиот Универзитетски медицински центар Росток, причината зошто мажите имаат поголема мускулна маса, веројатно, лежи во еволутивната историја.

– Додека праисториските луѓе ловеле – се движеле и самите се затоплувале, жените и децата најчесто останувале во нивните живеалишта – вели д-р Келинг.

Од друга страна, тој вели дека „жените се подобри во централизацијата на топлината“, бидејќи женското тело ја насочува крвта што носи топлина во јадрото на телото, како одговор на студот.

– Во истовреме, циркулацијата на крвта во екстремитетите – како што се рацете, стапалата, носот и усните, е ограничена. Ова им дава приоритет на виталните органи на жените, вклучувајќи ги и репродуктивните органи. Но, тоа значи и дека женската кожа се лади побрзо, што може да се види, на пр., во сините усни и бледите, бели раце – забележува Келинг.

И лицата во третата доба брзо чувствуваат студ.

– Повозрасните, вообичаено, вежбаат помалку, така губат мускулна маса и затоа имаат побавен метаболизам. Поради сѐ ова, нивните тела генерираат помалку топлина. Намалувањето на метаболизмот е дел од стареењето – вели Брандес.

На крај, неговиот совет за постарите луѓе гласи: Вклучете го термостатот во зима и добро облечете се пред да излезете надвор.