Луѓето што знаат да се покажат на подиумот за танцување се генерално поотворени од оние што се статични, покажа анализата на германскиот истражувачки институт „Макс Планк“, кој ги следел професионалните и аматерските танчари во Германија и во Шведска.
Танчарите се исто така помалку невротични од другите, вклучувајќи ги и музичарите, кои не се добри во танцувањето, според студија објавена во научното списание „Личност и индивидуални разлики“.
– И танчарите и пејачите покажуваат високо ниво на екстровертност во нивната личност – што може да биде затоа што нивното тело е средство за изразување кога танцуваат и пеат – и тоа е многу социјално важна ситуација, повеќе отколку ако се изразувате преку инструмент – вели водечката авторка на студијата Џулија Ф. Кристенсен.
Истражувањето исто така пронајде докази за разлики во личноста помеѓу танчарите од различни стилови, на пример свинг-танчарите се помалку невротични од танчарите на латино и стандарден танц. Но, според истражувачите, разликите во личностите во различните стилови на танц сè уште треба да се истражат.
– Менаџерите на училиштата за танц, посебна група луѓе што се исто така претприемачи и танчари, се генерално поотворени и попријатни и помалку невротични од танчарите и нетанчарите – заклучи истражувачкиот тим.