Фото: Пиксабеј

„Тој беше уморен, беше подготвен, но јас не бев“, рече познатиот американски водител Џон Стјуарт за своето починато куче. Таа едноставна реченица одразува искуство низ кое поминале многумина – дека домашното милениче можеби починало мирно, но срцето на сопственикот останува скршено.
За оние што никогаш немале домашно милениче, болката од неговото губење може да изгледа претерана. Но, за милиони луѓе низ светот што ги сметаат своите кучиња, мачки и други животни за членови на семејството, смртта на домашно милениче носи тага што често е толку длабока како и загубата на сакана личност. И не изгледа само така – науката потврдува дека чувството на загуба е вистинско, комплексно и долготрајно.

Кога домашното милениче станува семејство

Според истражувањата, околу 62 проценти од Американците имаат домашно милениче, а слични бројки важат и за многу европски земји. Домашните миленици повеќе не се само „животни“ што ги чуваме – тие се придружници, утеха, рутина, па дури и форма на безусловна љубов што ретко ја наоѓаме меѓу луѓето. Домашните миленици нè придружуваат низ важните моменти во животот, честопати интуитивно реагираат на нашите емоции и обезбедуваат постојано физичко и емоционално присуство.
Научниците забележале дека луѓето често користат заеднички идентитет кога зборуваат за домашно милениче – фразите како „одиме на прошетка“ или „вака изгледа нашиот ден“ укажуваат колку сопствениците се идентификуваат со своите миленици. Оваа емоционална интеграција значи дека нивното заминување остава чувство на празнина што е тешко да се пополни.
И покрај моќта на оваа болка, многу луѓе сметаат дека не им е дозволено отворено да тагуваат, бидејќи не добиваат социјална потврда дека тоа е „вистинска“ тага. А признавањето на оваа болка е првиот чекор кон лекување.

Најлошата и најчеста грешка што ја прават сопствениците

Емпатијата, разбирањето и отворената комуникација за загубата на домашно милениче помагаат да се избегнат чувствата на осаменост и депресија. Тагувањето за домашно милениче не е слабост, туку одраз на длабока љубов.
И исто како што не би се срамеле да тагуваме за пријател или член на семејството, не треба да се срамиме да тагуваме за куче, мачка или кое било суштество што го исполнило нашиот живот. И покрај тоа, тагата по смртта на домашно милениче често се потценува, па затоа многумина тагуваат тивко, без поддршка и разбирање од оние околу нив.

Пет клучни фактори на тага

Експертите идентификуваа пет главни теми во процесот на тагување за смртта на домашното милениче:
1. Длабочината на емоционалниот одговор на сопственикот – реакцијата на сопственикот може да варира, но често е многу интензивна.
2. Сложеноста на одлуката за еутаназија – оваа одлука кај многумина предизвикува чувство на вина и длабока внатрешна борба.
3. Изолација поради непрепознаена тага – т.н. дисквалификувана тага, кога околината не ја разбира сериозноста на загубата.
4. Двосмислена загуба – како на пример кога домашно милениче исчезнува или бега, оставајќи го сопственикот во состојба на неизвесност и надеж.
5. Механизми за справување – вклучуваат ритуали, сеќавања, духовност и поддршка од најблиските.
Секој тагува на свој начин – едни чуваат играчка или чинија, други прават албум со слики, трети други бараат утеха во верата или во разговори со луѓе што ја разбираат нивната болка. Она што е сигурно тоа е дека сеќавањата и чувствата за миленичето не исчезнуваат.