Вториот претседателски мандат на Доналд Трамп (78) започна со инаугурацијата во понеделникот, а особено внимание беше насочено кон Меланија Трамп (54), која многумина од самиот почеток ја истакнаа како нетипична прва дама. Родена е во Словенија, работела како моделка пред да дојде во САД, а делови од нејзиното минато често се предмет на медиумска дебата. Често ја споредуваат со поранешните први дами како Џеки Кенеди, а таа самата во 1999 година, кога Доналд Трамп првпат ја навести претседателската кандидатура, изјави: „Би сакала да бидам многу традиционална, како Бети Форд или Џеки Кенеди“, пренесува Би-би-си. Сепак, поради нејзиното минато, многумина ја сметаат за нетрадиционална прва дама.
Нејзините фотографии од раните денови на нејзината кариера, вклучувајќи ги и оние разголените, повторно се појавија за време на претседателската кампања на Доналд Трамп во 2016 година. Меѓутоа, Меланија неодамна реши да го брани овој аспект од своето минато преку социјалните мрежи, нагласувајќи го уметничкото значење на нејзините модни ангажмани. За време на нејзината манекенска кариера, Меланија учествуваше во неколку фотосесии на кои беше целосно гола, во 1995 година, на 25-годишна возраст, позирала за француски магазин, а во 2000 година, повторно разголена е фотографирана за британски магазин. Некои медиуми, како британскиот „Дејли мејл“, во своите извештаи имплицираа дека Меланија работела како сексуална работничка во 1990-тите. Поради овие тврдења, Меланија поднесе тужба против весникот, кој подоцна плати отштета и официјално се извини.
Автобиографијата со наслов „Меланија“ ќе биде објавена во октомври. Книгата е опишана како инспиративна приказна за жена што и покрај пречките си го нашла својот пат. Иако често беше во центарот на медиумското внимание поради своето минато, Меланија водеше затскриен живот како прва дама. За време на првиот претседателски мандат на Трамп, па дури и по него, таа ретко се појавуваше на политички настани, избирајќи наместо тоа да се посвети на воспитувањето на нивниот син Барон. Сепак, во пресрет на минатогодишните избори, Меланија навести враќање во јавниот и политички простор, објавувајќи низа видеа на социјалните мрежи со политички пораки.
Меланија пораснала во индустрискиот град Севница во поранешна Југославија, а уште од рана возраст покажувала интерес за уметноста и модата. Нејзиниот татко Виктор работел како продавач на автомобили, додека нејзината мајка Амалија работела во модната индустрија, изработувајќи детска облека. Тоа имало пресудно влијание врз Меланија, која почнала да се занимава со манекенство во тинејџерските години. Во 1992 година ја освоила титулата прва придружничка на мис Словенија. Студирала дизајн и архитектура на Универзитетот во Љубљана, но го напуштила колеџот за да се занимава со манекенство. До средината на 1990-тите, нејзината кариера добива меѓународни размери и се сели во Милано и Париз, каде што работи со големи модни куќи.
Во 1996 година, се сели во Њујорк, што е пресвртница во нејзиниот живот. Клучниот момент се случи во 1998 година, кога таа го запознава Доналд Трамп, тогаш етаблиран бизнис-магнат и медиумска личност. Тие се венчаа во јануари 2005 година на церемонија во Палм Бич, Флорида.
За потсетување, Меланија во понеделникот на инаугурацијата на нејзиниот сопруг Доналд Трамп се појави облечена во капут вреден повеќе од 4.100 евра и шапка.