- Кога слушнав како е направена музиката, со аранжмански решенија, со мелодиска линија и со текст, јас се пронајдов себе си и моето патешествие со мајка ми. Ја почувствував и секоја трага што таа ја оставила во мене низ животот и секоја тага што сум ја пребродила со неа и за неа, но и вољата за живот што таа ми ја влеваше-со воодушевување раскажува пејачката Зорица Поп Панкова
Со новата песна „Поминува сѐ“, Зорица Поп Панкова, по долга пауза направи прекрасно освежување на домашната музичка сцена, а слушателите ги потсети на вистинските музички вредности. Некои ја знаат како најдобрата наставничка по македонски јазик, други ја препознаваат како членка на култната група „Македонија“ во која пееше заедно со Верица Ристевска, Даниела Панчетовиќ, Кирчо Поп Лазаров и Панче Кочовски, трети се сеќаваат на нејзините евергрините „Каде си“, „Ако истраеш. . . “, „Диско пар“, „Љубовта е. . . “. Непосредно по излегувањето на нејзината нова песна, а пред нејзиниот настап на уметничката вечер „Љубовта никогаш не говори со еден глас“ седнавме на на чаша боза со Зорица Поп Панкова, а разговорот течеше како вода.
Поп Панкова детството го минала во скопската населба Гази Баба, а за среќа се родила во музички надарено семејство.
– Мајка ми Љубица Милисављевиќ беше еден прекрасен сопран. Била барана да снима и во Радо Скопје. Пеела на елитни места во Македонија и во Југославија. Сепак, по моето раѓање и раѓањето на мојот брат близнак таа се посветува на семејството и се откажува од музичките настапи. Ме учеше да играм валцер, танго и народни ора, но најмногу ме учеше да пеам. Татко ми Милутин пак, беше прва хармоника на Југославија – се сеќава Зорица Поп Панкова.
Токму во семејната средина уште речиси како бебе ги пројавува првите интереси кон музиката и кон танцот.
– Уште како двегодишно дете сум сакала да се качам на маса, да пеам, сите да бидат околу мене, а потоа сум му се фрлала в прегратка на некој од присутните. Па така, сите будно следеле на каде ќе погледнам, за да можат со прегратка да ме пречекаат по мојот „настап“ – низ смеа раскажува Поп Панкова.

Нејзиниот брат Душко бил успешен фудбалер и тренер, а таа многу ја заскала атлетиката, но сепак музиката преовладала во однос на изборот за средно училиште. Заради болеста на нејзната мајка, престанува да го посетува средното музичко училиште, а повредата на коленото не ѝ дозволува да продолжи да учи танц. Така, средното образование го завршува во стручното училиште „Димитар Влахов“, но не запира тука.

Да се остане слободен и свој!
– Љубовта кон јазиците, особено кон јазикот на моите родители, беше пресуден за да студирам македонски, српскохрватски и словенечки јазик на тогашната Педагошка академија во Скопје. По дипломирањето набрзо се вработив. Најубави спомени носам од моето прво работно место во с. Арачиново, во ОУ „Маршал Тито“, (денес „Ѓерг Кастриоти Скендербег“). Потоа, продолжив во ОУ „Вера Јоциќ“ во населбата Хиподром, каде работев се до моето пензионирање, со безмалку 40 години стаж-раскажува Зорица Поп Панкова.
Нејзиниот дар за пеење го препознал професорот Коста Трпков уште во средното музичко училиште, а тој ја насочил кон професорот Благоја Николовски кој работел врз развојот на нејзините гласовни способности.
– Иако сакав да бидам и оперска пејачка, некако повеќе ме влечеше рок музиката. На училиште беше забрането да се изведува, да се свири и пее било каква музика освен класична. Затоа често бевме бркани од настава – се потсетува Поп Панкова.


Нејзината младост ја одбележува хипи движењето.
-Бев една од првите хипи-девојки, а потребна беше храброст за тоа. Да се биде хипик значи да се има слобода на размислување и да не се потклекнува на поставените општествени рамки. Заедно со Милош Коџоман, Ангел Димовски Чауш, Бежан Бежановиќ, Мишо Вељковиќ, Ангел-Бојс Ситновски и неговиот брат и други претставуваме авангардна група чие движење се рефлектираше врз начинот на облекување, музиката и сликарството. Со некои луѓе од тоа време се дружам до ден денес, неретко знаеме да се собереме и да запееме. Наша цел беше да останеме слободни и свои и останавме такви – вели Зорица Поп Панкова.
Ниту музиката не може да ја даде љубовта и топлината што ја дава мајчинството
Натаму, поминува низ разни животни премрежја, убави и помалку убави, но покрај посветеноста на примарната наставничка професија, таа продолжува да пее.
– При еден мој настап во Тјентиште на кој ја пеев „Ми заплакало селото Ваташа“ ме забележа професорот Миросав Чангаловиќ, едно од најголемите имиња во српската и југословенската музичка уметност. „Ретко во светот се сретнуваат алт гласови како вашиот“, ми рече, „дојдете да учите во Белград кај мене. Колегата Николовски завршил одлична работа. Јас за само шест месеци Вашиот глас ќе го подготвам за светската оперска сцена“ – пренесува Поп Панкова.
Сепак, Чангаловиќ бил одбиен од страна на нашата соговорничка.
– Имав предвид со какво име од музичката уметност разговарам и срдечно се заблагодарив, но одбив. Му кажав дека тоа за мене е голема чест, но за мене е веќе доцна. Раскажав дека сум сопруга и мајка и сум посветена на семејството, но и дека одамна се збогував со оперското пеење. Беше многу разочаран од мојот одговор – раскажува Зорица.
За ваквиот нејзин став претходела случка која ѝ покажала на Зорица Поп Панкова дека нејзин прв животен избор ѝ е семејството.
– Во осумдесетта година со група Македонија отидов на петнаесетдневна турнеја во Германија, оставајќи ја со мајка ми, мојата деветмесечна ќерка Марина. Тогаш ретко каде имаше телефони, освен во конзулатите па не можев често да ѕвонам дома и да прашам како ми е детето. Грижата заради тоа, предизвика здравствени проблеми кај мене и нагло почнав да слабеам. Се вратив во Скопје со 45 килограми телесна маса, а сопругот кога ме виде остана со отворена уста. Помина извесно време додека моето родено дете не ме препозна и не почна да реагира на моето присуство. Тогаш со солзи во очите си ветив дека по цена на музичката кариера, моето дете нема да го оставам само, повеќе од два дена.
Сфатив дека љубовта и топлината на мајчинството не може да ми ги даде ниту музиката – со солзи се потсетува Поп Панкова.

Младите пејачи треба да изградат сопствен стил
Токму од тие причини, но и од промената на општествените прилики, фестивалските неправди и промената на естрадната клима, Поп Панкова, како и голем дел од нејзините колешки, по шеесетина соло изведби и над 150 композиции со групата „Македонија“, тивко се повлекува од сцената, настапувајќи сосема ретко.
Пред десетина години, медиумите најавуваа враќање на група „Македонија“ со изменет состав, меѓутоа тоа не се случи.
– Постојат повеќе причини зошто не се возобнови групата „Македонија“. Можеби и јас бев една од причините за тоа. Сметав дека група „Македонија“ не е потполна само три пејачки, туку треба да бидеме комплетни и мислев дека нема да го добиеме звукот кој беше специфичен за нашата група. Ние го негувавме медитеранскиот стил на пеење и не сакав да прифатам да пееме нешто различно од тоа. Не сакав да навлегувам во тие за мене непознати води. Славе Димитров и Благоја Чешларов точно знаеја што треба да напишат за нас – забележува Поп Панкова.
Меѓутоа, годинешната „Златна Бубамара на популарноста“ на прекрасен начин ја врати Зорица Поп Панкова на големата сцена, а изведбата на нејзиниот хит „Диско пар“ во дует со младата пејачка Ана Петановска никого не го остави рамнодушен.
– Тој настап за мене значеше предавање на штафетата. Во еден момент се тргнав и отидов кон музичарите. Со тоа сакав да покажам дека ја отстапувам сцената на една млада, беспрекорна, талентирана, софистицирана, интелигентна, со прекрасни вокални можности пејачка Ана Петановска. Заслужува многу. Треба многу да работи и да биде истрајна. Зависи со кого ќе работи и како ќе работи. Треба да се труди да изгради свој стил на интерпретација, а гледам дека ѝ се наметнуваат туѓи влијанија – констатира Зорица Поп Панкова, порачувајќи им на младите пејачки и пејачи да се трудат да изградат сопствен стил и на тој начин да станат препознатливи.
– Јас никогаш не би сакала некој да биде Зорица Поп Панкова, Верица Ристевска или Даниела Панчетовиќ. Младиве пејачки и пејачи како што се Ана Петановска, Дина Јашари, Агни Авшар, Сергеј Попоски треба да градат свој стил и да бидат свои како што беа оригинални и свои пејачките од мојата генерација – директна е Поп Панкова.

„Станала, не станала, ти ќе пееш“
Ведрината што ја носи, непосредноста и харизмата, како и позитивниот поглед на животот смета дека му ги должи на своето семејство и на аманетот кој ѝ го оставила нејзината покојна мајка.
– Кон крајот на 1996 мајка ми беше веќе тешко болна. Ѝ велев, „стани мајко, треба да пеам за Нова година“. Навистина, требаше да пеам на новогодишната вечер пред тогашниот претседател Киро Глигоров. Таа ми рече „станала јас или не, ти ќе пееш, а кога ќе настапуваш, ќе пееш за мене“. И пеев. Застанав на сцена, по две недели откако ја погребавме мајка ми. Првите три песни ги пеев со тешкотија, а потоа продолжив како што треба. На крајот, со кренати раце, погледнав нагоре. Така ги завршувам настапите, до ден денес – со солзи раскажува Поп Панкова.
Знаејќи ја приказната за силната врска меѓу Поп Панкова и нејзината мајка, композиторот и текстописецот Митко Чешларов ја напишал песната „Поминува сѐ“ и уште при создавањето знаел дека песната треба токму Зорица да ја испее.
– Кога слушнав како е направена музиката, со аранжмански решенија, со мелодиска линија и со текст, јас се пронајдов себе си и моето патешествие со мајка ми. Ја почувствував и секоја трага што таа ја оставила во мене низ животот и секоја тага што сум ја пребродила со неа и за неа, но и вољата за живот што таа ми ја влеваше – со воодушевување раскажува Поп Панкова.
Таа сподели со нас дека снимањето поминало во одлична атмосфера и во беспрекорна соработка меѓу неа, композиторот и текстописецот Чешларов и аранжерот Ангел Ќосев.
– Аранжерот ги прифати сите мои сугестии и сите сугестии на Чешларов, соработката одеше прекрасно. Аранжманот е фантастичен, гламурозен е, звучи свечено како ода. Иако текстот содржи тага, преку аранжамнот песната звучи раскошно и оптимистички укажувајќи на тоа дека животот тече и натаму – забележува Поп Панкова.
Кога мене ќе ме нема, душава ќе ги бара моите песни
И животот на Зорица Поп Панкова со сите таги и радости тече натаму. Тажна заради тоа не продолжила да пее рок, но и заради тоа што речиси половина од нејзините песни веќе не можат да се најдат, заради институционална негрижа.
– На носачите на звук со моето име, бришени снимките и ставани се други материјали. Поради тоа, во една прилика реков дека кога мене ќе нема, душава ќе ги бара моите песни. Мојата изјава беше причина ќерка ми Марина заедно со Драган Б. Костиќ и Тоше Поп Симонов ревносно да се зафатат со барање на песните, па така спасија триесетина песни кои ми ги подарија за мојот 50. роденден. Инспирирана од моментот ја напишав книгата „Ние“ посветена на сите луѓе од музичкиот свет со кои соработував – раскажува Поп Панкова.
Во пензионерските денови радосна ја прават миговите поминати со двете ќерки Марина и Даниела, со внуците Марко и Давид и со сопругот Димитар Папас, некогашен тапанар во култната групата Бис без. Секако ја радуваат и позитивните реакции на слушателите на нејзината нова песна. Наскоро повторно ќе влезе в студио за да ја сними песната „Сенка на тагата“ („Сенка туге“). Со тоа таа прв пат се јавува како композитор и првпат ќе има солистичка изведба на српски јазик. Песната е поместена во романот „Пролет во маглата“ на српската писателка Мирјана Миленковиќ, чиј лектор е токму Поп Панкова.
– Уште размислувам како ќе се интерпретира и како ќе се аранжира песната, но наскоро ќе ја снимам. Инаку, Ранко Петровиќ, ме поттикнува да направам албум, а потоа и концерт. Засега тоа се само прелиминарни разговори. Доколку некоја композиција навистина допре до мене и ја почувствувам, сигурно ќе влезам во студио. Има уште една песна на Митко Чешларов која сакам да ја отпеам. За натаму, ќе видиме, да сме живи и здрави – завршува Зорица Поп Панкова.
На 10 декември Поп Панкова, заедно со Мариана Бошковска, Ана Петановска, Горан Наумовски, Агни Авшар, Биба Додева и Жаклина Стефковска ќе настапи на уметничката вечер „Љубовта никогаш не говори со еден глас“ на која ќе биде промовирана книгата „Три лица на љубовта“ на Митко Чешларов. Настанот ќе се одржи во малата сала на Македонската филхармонија со почеток од 19. 30 часот.

































