фото: М.Т.

Вчеравечер пред голем број поддржувачи на неговото творештво, пријатели и соработници, својата нова книга „Џабе живиш у Скопје“, која според авторот „ 10 пати се прочитуе, 100 пати се раскажуе и 1.000 пати се умира од смеење“, ја претстави Зоран Спасов Ѕоф.

Ѕвезди на вечерта беа трите лика од насловната страница, негови пријатели, соработници и инспиратори: Игор Џамбазов, Бранко Огњановски и Сашо Мацановски -Трендо.

фото: М.Т.

Дизајнот на корицата е на стрип-авторот Михајло Димитриевски – Мичо.

– „Џабе живиш у Скопје“ е збирка актуелни, изумрени и подзабораени поими, фрази, изрази, идиоми, апсурди, фазони, афоризми, синоними, топоними, акроними, криптоними и многу други „–ними“. Книгава е локализирана у покушај да се долови хајлевел шегобијноста на скопјаните, бидејќи авторот е чврсто убеден дека ние Македонците (заедно со Србите) имаме најбољи хумор у свет. Дел од изразите се користат поише од петсто години, дел стотина, дел од 1945 година, па навака, дел откако Тито го заболе ногата, дел откако Кљусев искочи на бина… Оваа книга е вивисекција на скопските: (не)култура, историја, менталитет, хумор и јазик – изјави Татјана Димовска, уредник на изданието.

Авторот, пак, поздравувајќи ги присутните рече дека негова цел била да се потенцира смислaта за хумор на Македонците, а пред сѐ на скопјаните.

фото: М.Т.

– Книгата ја напишав за да му се оддолжам на моето Скопје. Сакав да ги спојам скопскиот хумор и скопскиот јазик, намерно велам јазик, а не сленг или дијалект. Па и првите броеви на весникот „Нова Македонија“ во 1945 година се напишани на скопски јазик. А што се однесува до музите од насловната страница, кои се со нас тука вечерва, Игор Џамбазов е мултиталентиран и најдобар е во сѐ што прави. Нашето пријателство датира од времето на емисијата „Џандар збира“. Трендо е главниот виновник што дојдов до тука и што сум толку популарен, а Бранко е лик што го обожавам и тој е национален херој за мене. И тројцата ми беа пред очи кога ја пишував книгата – рече Зоран Спасов Ѕоф на промоцијата на својата најнова книга.

фото: М.Т.

Игор Џамбазов поздравувајќи ги пристните рече дека „Џабе живиш у Скопје ако не си пополнил купон од огласник М или не си изгледал барем една емисија од емисијата ‘Џандар збира’“.

– Оваа книга ми се допаѓа бидејќи изгледа како јас да сум ја напишал. Од авторот очекувам нов роман за еден од најголемите македонски херои наскоро, уште една хит претставта, а предвидувам дека за пет години ќе снимиме филм по негово сценарио – рече Игор Џамбазов.

Потоа тој прочита неколку извадоци од книгата, меѓу кои и посветата кому му е наменета.

„Книгата е посветена на еден прекрасен град кому му е дојдено преку ‘таквоото’ од сите: едиповци што на четриес години спијат у детска, кокофчиња со мобилни од две иљади амрки, копиљана што не поштуе постари, шабани што покушаваат да се покондурат, џанаци што шмркаат глет-маса уместо шприцер, арпаџици што не го реновираат театар „Комедија“, ропаци што сепаркираат на место на инвалиди…. и други пореметени состојби на умот“.

Проектот има хуманитарен карактер и приходот од продадените книги е наменет за добротворни цели.

По промоцијата, гостите го проследија настапот на бендот „Бијело дугме трибјут“.

М.Т.