Фото: Приватна архива

Учество во шоу како што е „Никогаш не е доцна“ те тера да излезеш од комфорната зона, да пробаш нови жанрови, да размислуваш за сцената пошироко, регионално. И токму тоа ме инспирираше и мотивираше да почнам да работам на нова авторска музика што ќе се обидам да ја пласирам низ екс-ЈУ просторите, вели Цеки

Во пресрет на полуфиналната вечер на големото регионално шоу „Никогаш не е доцна“, чиј учесник е познатиот македонски кантавтор Зоран Рудан – Цеки, поразговаравме со него за ова ново иксуство што му го донесе овој популарен музички регионален натпревар, за очекувањата и за плановите за наредниот период.

Велат дека музиката ги подмладува луѓето, ги спојува и ги поттикнува на нови проекти, во кои годините не се пречка за реализација. Вие сте дел од еден регионален музички проект „Никогаш не е доцна“ (Никад није касно), на ТВ Гранд од Србија, кое кај нас се емитува на ТВ Сител, а е доста гледан во регионот и пошироко. Што ве поттикна да бидете дел од ова шоу?

– Навистина верувам дека музиката не познава години и граници. Воедно јас сум кантавтор и како таков одлучив да се пријавам и да бидам дел од „Никогаш не е доцна“ – не само да се презентирам како пејач, туку да ја искористам можноста на таа голема сцена да ја изразам својата енергија и потенцијал и да бидам виден на балканските простори и пошироко.

Во Македонија има многу музички таленти, но малкумина ја имаат среќата да се познати во екс Југославија илипошироко, бидејќи ние немаме дискографски пазар и доволно публика, а за надвор пречка е јазикот, немањето менаџерски куќи и поголема поддршка. Дали учеството во „Никад није касно“ вам ви отвори поголем простор за промоција како пејач и како автор?

-Точно е дека Македонија изобилува со таленти, но реалноста е дека сме мал пазар и тешко се пробиваме надвор од границите. Јазикот, инфраструктурата, па и недостатокот на силни менаџерски тимови се пречки кои не можеш сам лесно да ги надминеш. Затоа ‘Никад није касно’ за мене е шанса да ги разбијам тие бариери. Веќе луѓето од регионот ме препознаваат, добивам многу пораки, признанија и поддршка. Тоа е ново ниво на популарност, кое сам тешко би го постигнал, а се надевам дека во блиска иднина ќе го искористам и својот авторски потенцијал.

Досега имавте одлични настапи, за што добивте извонредни критики од жирито. Колку ви значи тоа и кажи какви беа реакциите дома, по секое ваше појавување во шоуто?

-Поддршката што ја добивав после секој мој настап е нешто што не се опишува со неколку зборови. Кога ќе добиеш пофалби од жирито, тоа значи многу бидејќи тие се професионалци со долгогодишно искуство. Но најмногу ми значи реакцијата на публиката и поддршката од моите фанови, кои со радост ми се јавуваат, поздравуваат, охрабруваат и споделуваат мои настапи. Честопати добивам и сугестии со која песна според нив би се представил подобро. А што се однесува до моите дома, тие ми се шест во едно, аналитичари, консултанти, критичари, поддржувачи, стилисти и психолози.

Фото: Приватна архива

Изведувавте песни од екс -ЈУ естрадата, секако и од „Бијело дугме“, дали самиот одлучувавте што ќе пеете или во договр со органзиаторите?

– Песните секогаш ги избирам сам. За секој настап давам по три предлози и секогаш нагласувам која песна ми е фаворит – онаа што најмногу ја чувствувам и преку која мислам дека најдобро ќе се изразам. Со „Бијело дугме“ на пример, тоа беше избор базиран на емоции, бидејќи јас пораснав со тие песни кои се дел од нашата колективна меморија. Имав слобода во изборот, но секогаш се консултирав и соработував со продукцијата. Се трудам мојот репертоар да биде жанровски што е можно поширок, во склоп на поп-рок правецот.

Дали е убаво чувството да се настапува на таа сцена, со тој голем оркестар и какви беа контактите со другите учесници, со жирито, со Жика и Маре? Какви се всушност условите во студиото, дали сте задоволен?

– Чувството е прекрасно, условите во студиото се врвни! Од техничка поддршка, сценографија, гардероба, до односот на целиот тим – сè е на едно многу високо ниво. Тоа е големо телевизиско шоу, кое се реализира од врвни професионалци. Оркестарот е феноменален, музичарите се од врвен ранг и со нив е чест и задоволство да се пее. Жика, Маре, а би ги додал и водителката Драгана, продуцентот Ивке и организаторот Сара се луѓе кои што се трудат да создадат топла и ведра атмосфера и покрај нив сите се чувствуваме прифатено и опуштено. Контактите што ги остварив со другите учесници се за мнене драгоцени, запознав прекрасни луѓе со различни животни приказни, но со иста страст и љубов кон музиката.

Секогаш во ова шоу имало македонски пејачи и досега одлично се пласирале. Дали контактиравте со некои од нив и ви дададоа ли некои сугестии?

– Навистина ми е драго што македонските учесници секогаш оставаат силен впечаток. Тоа покажува и докажува колку многу е музикален нашиот македонски народ. Со некои од нив сум бил во контакт и пред моето учество, а и за време на натпреварот разменуваме искуства и многу ми е мило што меѓусебно се почитуваме и поддржуваме.

Секој креативец сака предизвици, да ги надмине сопствените граници, а токму ова ваше учество во популарното шоу ви овозможи на вашата кариера да погледнете од друг агол. Дали е во план нешто интересно, што ете, ќе го слушне и публиката во регионот?

– Учество во вакво шоу те тера да излезеш од комфорната зона, да пробаш нови жанрови, да размислуваш за сцената пошироко, регионално. И токму тоа ме инспирираше и мотивираше да почнам да работам на нова авторска музика што ќе се обидам да ја пласирам низ екс-ЈУ просторите. Не би откривал многу однапред, но како и да е, секогаш на тоа поле сум вреден и активен и давам се` од себе.

Секако вие и пред ова учество имавте одлична и богата музичка кариера, а освен тоа активни сте и со трибјут бендот „Бело копче“. Летото е одлично за концерти, ќе ни кажете ли каде ќе настапаувате во јули и август, или пак каде ќе се одморате, зашто за музика нели „никогаш не е доцна“!

– И пред ова шоу имав богата музичка активност, настапував на различни сцени, соработував со многу музичари, а веќе неколку години активно работиме со трибјут бендот „Бело копче“. Летото ќе ни биде многу динамично, а ќе настапуваме највеќе во Босна и Херцего вина и во Србија. Да не заборавам да напоменам дека во Македонија на 27. јуни имаме настап во Свети Николе, каде гостин ќе ни биде нашиот добар пријател Денис Рапкиќ, учесник на шоуто „Никогаш не е доцна“. Агендата и сите детали ќе ги објавуваме навреме на социјалните мрежи. И да, ќе имам и одмор, заслужен, со сопругата, којшто со нетрпение го очекувам.