Разни нарушувања поврзани со чувствителноста на глутен може негативно да влијаат на кожата, дигестивниот систем, расположението или дури и на зглобовите. Нетолеранцијата на глутен станува сѐ почеста и се карактеризира со негативна реакција на глутенот, група на протеини присутни во пченицата, јачменот и ‘ржта. Постојат неколку нарушувања поврзани со овој тип нетолеранција, вклучувајќи и целијачна болест.
Целијачната болест, која зафаќа околу 1 отсто од светската популација, е најтешката форма на нетолеранција на глутен и може да предизвика сериозни здравствени последици, вклучувајќи и оштетување на цревата и малапсорпција на хранливи материи.
Сепак, 0,5-13 отсто од луѓето може да имаат нецелијачна чувствителност на глутен – послабо, но сепак непријатно нарушување поврзано со глутен. Иако не предизвикува трајно оштетување на цревата како целијачната болест, симптомите може да бидат многу слични и значително да влијаат на квалитетот на животот. Издвојуваме некои од најчестите симптоми на нецелијачна чувствителност на глутен.
1. Надуеност: Надуеност е кога чувствувате дека вашиот стомак е отечен или полн со гасови по јадење. Иако оваа непријатна состојба има многу објаснувања и често се игнорира, може да се појави кај луѓе што се чувствителни или нетолерантни на глутен, поради што е исклучително важно да се обрне внимание на овој многу чест симптом.
2. Дијареја и запек: Повремените дијареи и запек се вообичаени, но може да бидат причина за загриженост доколку се појавуваат редовно. Кај луѓето со чувствителност на глутен, јадењето храна што содржи глутен може да ги предизвика овие дигестивни проблеми.
3. Абдоминална болка: Абдоминалната болка е честа појава, а има многу причини. Сепак, тоа е и најчестиот симптом на нетолеранција на глутен. Ако имате нетолеранција на глутен, може да почувствувате болка и непријатност во стомакот по консумирање глутен.
4. Главоболки и мигрена: Многу луѓе имаат повремени главоболки или мигрена. Некои студии покажуваат дека луѓето со нетолеранција на глутен се посклони кон мигрена од другите луѓе. Ако имате редовни главоболки или мигрена без очигледна причина, можеби сте чувствителни на глутен.
5. Замор: Чувството на замор е многу вообичаено и обично не е поврзано со ниедна состојба. Меѓутоа, ако постојано се чувствувате многу уморно, може да има основна причина. Луѓето со нетолеранција на глутен се склони кон замор и исцрпеност, особено по консумирање храна што содржи глутен.
6. Депресија и анксиозност: Луѓето со нетолеранција на глутен се чини дека се посклони кон анксиозност и депресија отколку другите. Неколку студии исто така покажаа дека луѓето со депресија и самопријавена нетолеранција на глутен се чувствуваат подобро на диета без глутен.
7. Ментална магла: „Менталната магла“ се однесува на чувството на неможност да се размислува јасно. Често се опишува како заборавеност, тешкотии при размислувањето и ментален замор. Менталната магла е чест симптом на нетолеранција на глутен.