Коцка направена од 186 килограми чисто 24-каратно злато била поставена во средината на Централ парк во Њујорк, пренесува „Њујорк пост“. Дизајнер на необичното уметничко дело е германскиот уметник Никлас Кастело. Иако коцката не е на продажба, таа се проценува на околу 11,7 милиони долари.
Златото за изработка на коцката било купено по 1.788 долари за унца (една унца е еднаква на 28 грама), а уметничко дело кое тежи 186 килограни има сопствен безбедносен тим.
– Коцката е концептуално уметничко дело во сите негови аспекти. Идејата беше да се создаде нешто што е надвор од нашиот свет, што е нематеријално – изјави Кастело за „Арт њуз“.
Покрај коцката ќе биде пуштена и криптовалута, наречена „Кастелокоин“ која ќе може да се купи онлајн по цена од 0,44 долари. На 21 февруари е закажана и НФТ-аукција.
Галеристката Лиза Кандлхофер истакна дека уметничката публикација „коцка“ може да се гледа како еден вид коминике помеѓу културниот екосистем од 21-от век, кој е заснован на крипто и античкиот свет каде што владее златото.
Коцката била направена во леарница во Арау, Швајцарија во рачно изработена печка. Специјалната печка е создадена со цел да ги задржи големите димензии и волуменот на златото.
За топење на златото била потребно екстремно висока температура, од 1.100 степени Целзиусови. Димензиите на кутијата се 45,7 сантиметри по страна.
Кастело е роден во 1978 година во Источна Германија и се фокусира на создавање современи уметнички дела и уличен поп-арт. Голем дел од неговата уметност е под влијание на падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, а многу од неговите дела се инспирирани од ерата на нео-експресионизмот на Жан-Мишел Баскија. Сега живее и работи и во Њујорк и во Швајцарија.