Точно 120 години по неговата смрт, Жил Верн сè уште има куп обожаватели, а неговиот роман „Париз во 20 век“, објавен дури во 1994 година, е предмет на истражување бидејќи во него тој предвидел многу работи. Жил Верн е француски писател, кој е роден на 8 февруари 1828 година, а починал на 24 март 1905 година. Животот му бил испреплетен со страст за литературата и науката. Роден во Нант, во семејство со поморска традиција, тој рано покажал интерес за патување и истражување.
Неговиот циклус „Невообичаени патувања“ опфаќа повеќе од шеесет романи, меѓу кои најпознати се „Патување до центарот на Земјата“, „20.000 милји под морето“, „Околу светот за осумдесет дена“ и „Мистериозниот остров“. Овие романи не се само возбудливи авантури туку се и проткаени со научното знаење на времето и визионерските идеи на Верн. Ликовите како капетанот Немо и Филеас Фог станаа икони на авантуристичкиот дух. Верн прецизно истражувал географски, геолошки и астрономски податоци, создавајќи веродостојни светови што ја поттикнуваат имагинацијата на читателот.
Еден од најинтересните аспекти на делото на Верн е романот „Париз во 20 век“, напишан во 1863 година. Овој роман предвидува многу технолошки и општествени промени, вклучувајќи компјутер, калкулатор, облакодери, автомобили на бензин, глобална комуникациска мрежа…. Верн го ставил ракописот на романот во сеф, каде што го открил неговиот правнук дури во 1989 година. Така, романот првпат бил објавен дури во 1994 година, 89 години по смртта на авторот, потврдувајќи ја исклучителната способност на Верн за предвидување.
Жил Верн не бил само писател, тој бил визионер што со своите постапки ја обликувал иднината. Неговата способност да ги комбинира науката, авантурата и човечката природа го прави еден од најзначајните писатели на сите времиња. Неговите „Невообичаени патувања“ денес се исто толку возбудливи и актуелни како и кога биле пишувани.