Унгaрија не е само Будимпешта, туку има мноштво убави места што вреди да се посетат, за да биде комплетен впечатокот за земјата што нема море, ама има преубави езера, кои пленат и воодушевуваат. Па, така, една поголема група патувачи, сонувачи, откривачи, на крајот на октомври се упативме кон еден од најубавите предели во Унгарија, кон езерото Балатон, а патем на одење и на враќање посетивме неколку унгарски градови и места.
Печуј – град на керамиката
Печуј е град во непосредна близина на границата со Србија, сместен во југозападниот дел на Унгарија во Баранската жупанија, во подножјето на планината Мечек. Од праисторијата, па до модерната историја, Печуј бил град во кој живееле и твореле голем број народи и затоа е место на различни култури, град што дише со посебен дух, енергија, шарм, град што плени уште на прв поглед. Видлив е шармот на Печуј, кој беше европска престолнина на културата. Разгледувањето на градот со водич го започнавме пред кулата Барбакан, остаток од тврдината од турскиот период, стара над 500 години. Полека шетајќи низ уредениот парк доаѓаме до базиликата „Свети Петар и Павле“, неоромантична градба со четири кули високи 60 метри. Водичот ја раскажува приказната дека темелите на објектот датираат од 11 век, а целата базилика била завршена во 19 век. Таа е симбол на унгарската историја. Импозантна градба што изгледа фантастично и однадвор и внатре, во која се чуваат значајни артефакти, фрески од 19 век, меѓу кои и од Бертран Шекелиј. Базиликата е една од најубавите во Унгарија и вреди да ѝ се посвети поголемо внимание. Потоа продолжуваме кон Ранохристијанските гробници од четвртиот век, заштитени од УНЕСКО, па низ паркот кон улицата на музеите. Еден од позначајните музеи што пленат е музејот на порцеланот „Жолнаи“. За жал, бидејќи беше национален празник, не успеавме да влеземе за да уживаме во убавината што се презентира внатре. Музејот „Жолнаи“ бил дом на семејството Жолнаи, кое произведува керамика, која е симбол на градот. Тука пред 200 години била отворена првата фабрика за керамика, чие производство до ден-денес не може да се ископира. И денес во Печуј има регион што се вика Жолнаи и во него се забележува керамиката по куќите. Патем застануваме пред Касимпашината џамија од 16 век, сега католичка црква, каде што може да се забележи турската култура.
Најзначајно место за прошетка низ Печуј е централниот плоштад, на кој се наоѓаат повеќето значајни симболи на градот. Тука се издвојуваат Градската куќа, со барокни мотиви, управната зграда, споменикот посветен на Јанош Хундаи како јава на коњ и споменикот на Светото Тројство, зградата на Бискупијата. Тука е и фонтаната „Жолнаи“, подарок на градот од истоименото семејство. А, во непосредна близина е Народниот театар, средиште на театарската и сценската култура, не само на градот туку и на Унгарија.
Потоа продолживме кон Хевиз, местото каде што се наоѓа природно термално езеро, познато по лековитата вода богата со минерали и во кое може да се капе и во зима и во лето, кое е единствено од ваков вид во светот. На површината од езерото се забележуваат цветови, а во вечерните часови се забележува магла. Убаво е да се искапете во езерото чија температура е околу 25 Целзиусови степени во есен и во зима. Хевиз е вистински спа-центар за опуштање и уживање.

Езерото Балатон – место за вистинско уживање
Балатон е најголемото езеро. Затоа се вели дека иако Унгарија нема море, Балатон е унгарско море. Најголемо во Средна Европа, во кое протекува реката Зала. Нашата цел е поголема прошетка покрај езерото, со површина од 592 квадратни километри и посета на неговите убави места. Балатон е на надморска височина од 104 метри, со најголема длабочина од 12,2 метри. Инаку, просечната длабочина е 3,2 метри.
Секешфехервар е град со околу 100.000 жители, административен центар на округот Фејер и регионален центар на централна Трансданубиа. Кога го изговарате може да ви се заплетка јазикот, па затоа го викаат уште бел град – престолнина, бидејќи во средниот век бил кралска резиденција и еден од најважните унгарски градови, во кој 37 крала на Унгарија и 39 кралици биле крунисани, 15 владетели биле погребани, а тука бил чуван и кралскиот накит. Патот нѐ води кон стариот дел од градот, во кој можат да се видат Градското собрание, старата судска зграда, бискупската палата, Градскиот театар, катедралата „Свети Стефан“…
Потоа продолживме кон Бори, замок посветен на љубовта. Романтично здание, изградено од самиот сопственик, архитектот Јан Бори, во име на љубовта кон својата жена Илона. Тој го градел 40 години. Се разгледуваат просториите со сите вредни предмети, слики, надворешноста со бројните скулптури.
На крајот од денот, посета на Веспрем – градот кралица, како што го викаат, кој е изграден на седум ритчиња. Град што плени со барокната архитектура, важен центар во средниот век, во кој можат да се видат замокот Веспрем, стариот град, Бискупската палата, споменикот на Света Троица и базиликата „Свети Михаил“. И на крајот посета на изложба во една од просториите на бискупската палата. Се враќаме во Хевиз за да вечераме во типичен унгарски ресторан, со вкусување на локалните специјалитети.
Следниот ден убав и сончев, погоден за прошетка до полуостровот Тихањ, прв заштитен крај во Унгарија, кој од 1997 година е дел од националниот парк Балатон. Додека одиме кон Тихањ, забележуваме гејзери, кои се резултат на поствулканската активност на тлото и се единствени во Европа. На полуостровот има и две помали езерца и непрегледни полиња со лаванда. На секој чекор ве пречекуваат сувенирници и други продавници во кои се продаваат производи од лаванда. Пленат автентичните куќи покриени со трска, некои од нив пренаменети во кафулиња или ресторани. Шетајќи, пронајдете го минијатурното спомен-обележје на дебелата птица што седи на ограда од тула.
Продолжуваме кон малото место Кештељ, каде што се наоѓа дворецот Фестетич. Прекрасна палата, и надворешно и внатрешно. Дворецот е од средината на 18 век и бил дом на едно од најзначајните благороднички семејства во Унгарија, семејството Фестетич. Денес е музеј под името „Замок Хеликон“. Семејството Фестетич го менувало, модифицирало и градело во барокен, необарокен и рококо-стил, сè додека не го постигнал својот восхитувачки денешен изглед. Зградата, нејзиниот внатрешен дизајн и мебелот биле делумно зачувани за време на Втората светска војна, за разлика од повеќето унгарски замоци. Откако семејството Фестетич заминало во септември 1944 година, дел од колекцијата бил ограбен од германски и унгарски војници и локалното население, но оригиналниот мебел сè уште може да се види, како и библиотеката со илјадници книги. По национализацијата во 1948 година, само крилото на библиотеката и собите што биле заѕидани за време на војната биле отворени за јавноста под името „Библиотека Хеликон“, која била под управување на Националната библиотека „Сечењи“. Освен дворецот, надворешниот дел е прекрасно уреден, во еден дел од објектите има музеј на ловот, музеј на кочии, на автомобили…
На крајот од денот беше посетата на местото Таполка, каде што се наоѓа подземна пештера, а за влез и за возење со лимен чамец е потребна резервација. Пештерата и премините настанале на местото на мешање на ладна и топла вода и загревањето заради вулканската активност. Многу подоцна тука бил изграден и градот Таполка со езерото што нуди и други атракции, бидејќи е град со термални води.
Посетата на Балатон ја завршивме наредното утро со разгледување на Шиофок, уреден и чист град со кула во центарот, со шеталиштето Петефи, каде што има убаво уреден парк со голем број скулптури. Има и убави плажи, а низ градот поминува реката Шио, која се влева во езерото. Затоа е популарно туристичко место во регионот Шомоѓ.
Сегедин – град на сонцето
Последниот ден на враќање од Унгарија го посетивме Сегедин, четвртиот најголем град и регионален центар на јужната голема котлина и административен центар на еден од 19-те окрузи на Унгарија, Чонград. Градот е познат по Универзитетот „Сегед“, еден од двата најпознати и најреномирани универзитети во Унгарија. На почетокот дознаваме дека Сегедин е еден од главните центри на индустријата за прехранбени производи во Унгарија, најмногу познат по неговите пиперки, гулашот „Сегед“ и различни видови салами.
Разгледот со водич го започнавме од пред Градската куќа, убаво, импресивно здание, отворено од царот Франц Јозеф. Додека бевме тука, ги слушнавме градските ѕвона како одекнуваат. Потоа продолживме низ паркот – плоштад што го красат голем број скулптури и спомен-обележја. Некогаш тука имало тврдина. Продолживме кон центарот на градот, прошетавме низ сегединското корзо, односно по пешачката улица Караш, се упативме кон Катедралскиот плоштад и главната црква, изградена во готски стил. Она што треба да се види во Сегедин се и Водокулата Домотор од 13 век, музејот „Ференк“, Универзитетот „Сегед“ на плоштадот „Доганч“, кој го краси музичка фонтана, Националниот театар, палатата Гроф, за да се заврши пред палатата Реок… со сина вода на белата фасада и балкони со елементи на водни растенија. На крајот ја видовме и сегединската синагога.
Иако Сегедин го викаат град на сонцето, за нашата група, за жал, беше врнежлив. Сепак, видливо забележавме дека е одлично среден по некогашната поплава, која уништила 95 отсто од градот. Така заврши нашата посета на овој преубав дел од Унгарија, која ќе ни остане во длабоко сеќавање.



































