Како што деновите стануваат подолги, а сончевите зраци сѐ потопли, терасата сè повеќе се претвора во омилен агол од домот. Без разлика дали имате простран балкон или мала тераса, рамен покрив на зграда или градина во дворот на семеен дом, сега е вистинското време да ја освежите и да ја подготвите за уживање во доцните пролетни и летни месеци. Во неколку едноставни чекори можете да ја трансформирате во вистинска оаза на мир, идеална за утринско кафе, читање книга или вечерно дружење под ѕвездите.
Кога терасата е уредена со грижа, таа станува повеќе од надворешен простор – се претвора во дневна соба под ведро небо. Затоа, засукајте ги ракавите и искористете ги првите топли денови за да го освежите вашиот агол и да го приспособите на вашиот вкус.
Започнете со основите – отстранете ги прашината, лисјата и непотребните насобрани предмети. Измијте ги подовите, избришете ги оградите и стаклените површини, а ако имате градинарски мебел, исчистете го со благ детергент и топла вода. Дури потоа доаѓа креативниот дел – уредување!
Зелениот агол никогаш не излегува од мода. Цвеќињата во саксии, билките или висечките растенија не само што го разубавуваат просторот туку создаваат и пријатна, природна атмосфера. Не заборавајте на шарените саксии за цвеќе или плетените кошници, кои дополнително го облагородуваат целокупниот изглед.
Кога станува збор за дизајнирање мали надворешни простори, важно е да се искористи максимално секој сантиметар од просторот. Изберете мултифункционален мебел, како што е клупа што служи како простор за седење, а исто така служи и како место за складирање перници или градинарски алати. Покрај функционалноста, изборот на компактен или преклопен мебел ќе ви овозможи просторот визуелно да биде отворен и непреполн. Мали балконски гарнитури, лежалки и висечки фотелји се исто така практични решенија.