Ако планирате да ја напишете фразата: „Дали бенгалските мачки се легални во Австралија“ во пребарувачот на Гугл, размислете двапати! Според најновите безбедносни извештаи, токму оваа навидум безопасна фраза е поврзана со најголемата веројатност да бидете хакирани. Компанијата за сајбер-безбедност „Софос“ штотуку издаде предупредување до корисниците на интернет дека најголемите опасности на кои можете да бидете изложени кога ќе ја напишете оваа реченица и ќе кликнете на првите понудени одговори се лажни сајтови за патување, малициозен софтвер и е-пошта за „фишинг“.
Иако Австралија важи за земја со неверојатна природа и висок животен стандард, се чини дека во виртуелниот свет е многу поризично отколку што би очекувале. Сајбер-криминалците користат популарни термини и клучни зборови за да протнат лажни сајтови и вирусни врски што ги водат корисниците до онлајн стапици. Зборот „Австралија“ се најде на врвот на листата токму поради неговата глобална популарност – милиони луѓе секојдневно бараат информации за оваа земја, од туристички атракции до економски и политички теми. Сајбер-измамниците создаваат копии од познати страници за патување, како оние за резервации на летови и сместување, каде што корисниците несвесно ги оставаат своите лични и финансиски информации. Со кликнување на вирусна врска, вашиот уред може да биде преземен од малициозен софтвер, кој краде податоци, шифрира датотеки или ги користи ресурсите на вашиот компјутер за нелегални активности.
Пребарувајќи го терминот „Бенгалски мачки во Австралија“, многу корисници завршуваат на страници што бараат да се регистрираат за лажни билтени, со што ги откриваат своите е-адреси и им дозволуваат на измамниците да испраќаат пораки за фишинг. Како што истакнува „Софос“, жртвите често се охрабруваат да кликнат на малициозни реклами или линкови што се рекламираат како легитимни сајтови, или во овој случај како легитимни резултати од пребарувањето на Гугл, предупредуваат тие.
Сѐ поголем е бројот на случаи во кои хакери упаѓаат во системите на големите и малите компании, како и во личните сметки на граѓаните, при што крадат чувствителни податоци. Исто така, тргувањето со податоци стана глобален проблем – податоците за корисниците, нивните навики, преференции и однесување станаа вредна стока на пазарот.