Со маратонски концерт што траеше повеќе од два и пол часа и на кој сите фолклорни ансамбли имаа по два блока со настапи, кои ги проследи многубројна публика, заврши 18. издание на меѓународниот фолклорен фестивал „Д-р Владимир Полежиноски“ во Кичево. Презадоволните гледачи исполнети го напуштија Центарот за култура на Кичево, со желба вакви музички настани што почесто да се случуваат во нивниот град.
– На концертот сите фолклорни ансамбли имаа можност во два наврата да го извлечат најдоброто од себе и во вистинско светло да се претстават пред многубројните гледачи. Не знам кој ансамбл би го издвоил и кој настап би го истакнал затоа што сите ансамбли го дадоа својот максимум, што се потврди и преку аплаузите на присутната публика. Настапија домаќинот КУД „Рацин“, преку КУД „Ускана“, КУД „Бисер“, КУД „Нико Пусоски“ и КУД „Младост“ – Кичево, ансамблот од Приштина, потоа од Кушадаси, Турција, скопските ансамбли „Блажески“ и „Емин Дураку“, друштвото „Јанко Глигоров“ од Свети Николе, ансамблот при Домот на културата – Демир Хисар и др. – истакна директорот на центарот, Мазлам Османи.
Околу 2.000 гледачи ги видоа настапите на фолклорните ансамбли и покрај тоа што првата вечер концертот поради закана од дожд се одржа во затворен простор, додека вториот концерт се одржа на отворено пред околу 1.500 гледачи. Сите присутни докрај го проследија преубавиот концерт.

З.А.