Завршниот настан во рамките на проектот „Танго единство: Прегрнување на разликите преку танц“, посебна вечер исполнета со танц, музика и заедништво, ќе се одржи на 1 јуни (недела), со почеток во 17.30 часот, кај Колонадата на независноста (пред МОБ, кај кејот на Вардар во Скопје).
Проектот, поддржан од Британскиот совет, е дел од програмата „Култура и креативност за Западен Балкан“, финансиран од Европската Унија, и има цел да поттикне дијалог во Западен Балкан преку зајакнување на културниот и креативниот сектор за поголемо социо-економско влијание.
„Танго единство“ е проект реализиран од „Фамилија Тангови Скопје“, во партнерство со школата за танци „Буена Виста“ од Подгорица. Преку силата на аргентинското танго, проектот ги поврзува младите од Македонија и Црна Гора, поттикнувајќи личен развој, меѓународна соработка и активно учество на млади ментори, со особен фокус на девојки и млади од маргинализирани средини.
Преку низа танцови работилници, јавни презентации и менторски активности, над 90 учесници имаа можност да ја истражат својата креативност, да стекнат нови вештини и да изградат чувство на заедништво. Завршниот настан вклучува танцов перформанс на 60 танчари, а по него следува и милонга (танго-игранка) на отворено, каде што публиката ќе има можност да се вклучи и да ги направи своите први танго-чекори. Проектот го прикажува тангото не само како уметност туку и како средство за социјална вклученост, слушање, разбирање и поврзување.