Друштво за заштита на животните доби 150 контејнери со глувци, кои се размножуваат со голема брзина
Засолниште за животни во американската сојузна држава Њу Хемпшир се соочи со голем проблем – беше преплавено со глувци. Според Си-ен-ен, во оваа институција минатата недела отишол маж и побарал помош со оглед на тоа што имал товар од 150 глувци со кои не знаел што да прави. Во засолништето за животни се согласиле да му помогнат, иако бројката од 150 единки од кој било вид изгледала доста голема. Сепак, излегло дека имало повеќе од илјада глувци.
– Човекот зборуваше за 150 глувци, а потоа се покажа дека станува збор за 150 контејнери во кои имаше повеќе од илјада од овие животни. Ги примивме, а потоа се соочивме со вистинска наезда на глувци бидејќи тие се размножуваат многу брзо – објасни Лиза Денисон, извршна директорка на Друштвото за спречување суровост кон животните.
Засолништето побарало поддршка од други засолништа за животни, кои примиле голем број глувци, додека некои од нив биле испратени во таканаречени згрижувачки домови.
Елиша Мареј посвоила четири женки, кои ги добиле имињата Кели, Ди, Максин и Елевен. Таа објаснила дека неодамна им кажала на своите деца дека повеќе нема да зема глодачи за домашни миленици, но не можела да го одбие повикот за помош на прифатилиштето.
– Отсекогаш сме имале мали глодачи како домашни миленичиња – стаорци, глувци, ’рчковци, па само сфатив дека можам да помогнам – изјавила таа.