Фестивалот „Таксират“ со нова платформа
Креатори на платформата „Криејтив гејт“ се фестивалот „Таксират“ и фондацијата „Егзит“, а наменета е за различни актери во секторот на културните и креативните индустрии во регионот на Западен Балкан: партнерски проекти, професионалци во оваа индустрија (организации и поединци) регистрирани на платформата, креативни места, уметници, настани и фестивали. Индиректно, корист од проектот ќе имаат и пошироката јавност, медиумите, партнерите и општествата на земјите од регионот во целина.
– Освен платформата како централен дел, проектот ќе вклучи и интензивна промотивна кампања, која ќе вклучи настани во повеќе градови од регионот, како и „Вестерн Балкан криејтив деј“ – денот кога сите учесници на проектот, професионалци од областа на културни и креативни индустрии, организации и млади, нови креативни таленти, ќе имаат можност да се вмрежуваат, да споделуваат искуства од секторот и да ја зголемат видливоста на нивната работа – велат од „Таксират“.
Оваа иницијатива е дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, финансиран од Европската Унија, кој има цел да го подобри дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културниот и креативниот сектор и развивање на неговиот потенцијал за социоекономски влијание во овој регион. УНЕСКО, Британскиот совет и Италијанската агенција за развој се задолжени за координација на проектот.
– Платформата од овој вид претставува клучен чекор кон организираниот развој на културните и креативните индустрии во регионот на Западен Балкан. Тоа ќе овозможи поголема видливост, промоција, вмрежување и соработка меѓу креативците, што ќе создаде синергија и ќе ги поддржи понатамошниот раст и развој на секторот. Ги повикуваме сите заинтересирани, граѓански организации што се занимаваат со култура и креативност, како и поединци и компании, да следат и наесен да се пријават на платформата, да се приклучат на оваа иницијатива и да ги искористат поволностите што ги нуди платформата – се наведува во повикот на фестивалското раководство.