Презентација на Феминистичката антифашистичка мрежа во МСУ

Фондацијата „Фридрих Еберт“ организира презентација на програмата за работа и идните чекори на Феминистичката антифашистичка мрежа (ФАМа). Мрежата беше формирана во декември 2022 година, по повод 80-годишнината од основањето на Антифашистичкиот фронт на жените на Југославија, одбележана во Босански Петровец и Бихаќ. Таа се темели на меѓународното наследство на АФЖ, поттикнувајќи феминистичка солидарност и отпор кон растечките фашистички тенденции.
– Веруваме дека зајакнувањето на феминистичкиот фронт и регионалната поддршка се клучни за изградба на праведно и родово еднакво општество. Искористувањето на историските искуства на нашите претходнички е инспирација за создавање поеманципиран свет – велат од фондацијата.
Настанот ќе се одржи на 9 мај (петок), со почеток во 18 часот, во Музејот на современата уметност.
– Пред две години, во декември 2022 година, на одбележувањето 80 години од
основањето на Антифашистичкиот фронт на жените на Југославија во Босански Петровец и Бихаќ, се формира регионалната феминистичка антифашистичка мрежа ФАМа, која се потпира на меѓународното наследство на АФЖ. Постигнат е консензус дека јакнењето на феминистичкиот фронт и меѓусебната поддршка на постјугословенскиото ниво се предуслови за создавање силен отпор на растечките фашистички сили и дека е важно да го прифатиме и искористиме искуството што нашите претходнички го стекнале во залагањето за создавање еманципиран свет на родова еднаквост и социјална правда. Денес мрежата ја сочинуваат над 100 основачки – активистки, политичарки, истражувачки, уметници, работнички… од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија, кои се решени да ги бранат освоените женски права и придобивките на феминистичкото движење и да ја продолжат борбата за целосна рамноправност – се наведува во најавата за настанот.