Професионалната кариера на Драган Ѓаконовски-Шпато во целина се одвивала во нагорна линија. Многу успеси на фестивалите низ Југославија и многу нови песни, пејачи, пејачки, композитори, аранжери и инструменталисти биле поврзани со него. Многу генерации се сеќаваат на неговите популарни композиции, како и на првата македонска џез-композиција насловена „Тема I“, која ја создал во 1947 година. Тој бил извонредно надарен музички инструменталист, кој формирал повеќе оркестри и групи

Драган Ѓаконовски-Шпато е еден од зачетниците на македонската забавна музика. Како автор на голем број забавни мелодии, на аранжмани за забавна музика и џез, почнувајќи од првите повоени години. Многу генерации се сеќаваат на неговите популарни композиции, како и на првата македонска џез-композиција насловена „Тема I“, која ја создал во 1947 година. Тој бил извонредно надарен музички инструменталист, кој формирал повеќе оркестри и групи.
Роден е во музичко семејство. Татко му имал репутација на „најдобар мандолинист на Балканот“, мајка му била пејачка, а постариот брат Хари, исто така, се занимавал со музика. Драган почнал да учи виолина од својата шеста година. Набрзо, престанал да свири виолина, но не престанал и неговиот интерес за музиката. Татко му Васил лесно ги препознал предиспозициите и желбите на син му и му купил хармоника („хохнер“ за која подоцна Шпато напишал дека била неговиот „инструмент од соништата“). Првиот свој јавен настап го имал како член на семејното трио (со татко му и брат му) за ранетите партизани во манастирот во селото Љубанци. Вистинското јавно претставување му било со истото трио во програмата на Радио Скопје (за што самиот Шпато вели „…мислев дека ќе летнам од некоја возбуда, задоволство, радост…“) и токму тој настап на триото „Шпато“, многумина го сметаат за почеток на македонската забавно-музичка сцена. Во тој момент Драган почувствувал дека музиката ќе биде негова животна определба. Со брат му Хари формираат Забавен салонски оркестар, кој во почетокот свирел од печатени аранжмани, но набргу за него почнал да прави своевидни инструментации (аранжмани) самиот Драган Ѓаконовски.
Во 1946 година почнал да формира и мали состави во кои правел аранжмани на тогаш познатите евергрини, во тие состави тој свирел хармоника. Во истата година се запишал во Средното музичко училиште (во кое, за жал, не завршил ниту три години). Паралелно со ова продолжил да ја следи светската, главно џез-музика и да мелографира и да аранжира музика од тогашните најголеми светски имиња. Постојано свирел со мали состави и со оркестарот на брат му.
Во 1948 година како 17-годишно момче формира нов, поголем ансамбл – „Саџо“ (Студентски аматерски џез-оркестар), за кој мелографирал и аранжирал голем број композиции, речиси сѐ што ќе слушнел и ќе му се допаднело го адаптирал за оркестарот. Тоа било голема преродба за него. Овој состав, кој му влијаел охрабрувачки, полека го навел во композиторскиот свет. Тогаш ја создал и својата прва композиција „На игранка“ (напишана со голема внимателност за да не наликува на некоја туѓа песна), компонирана во стил на блуз дванаесетерец. Таа композиција, во 1983 година на „Скопскиот џез-фестивал“, неофицијално е прогласена за прва македонска џез-композиција.
Пишувал по три-четири композиции годишно, многу му било важно тие да имаат мелодиско-хармонска целина, да имаат музичка логика и естетика и да имаат добра форма. Истата година ја напишал и „Гарача“ (една од најубавите композиции на Шпато), како голем вљубеник на латиноамериканската музика, тој бил и под нејзино влијание. Девет години подоцна таа е првпат снимена, а дури дваесет години по создавањето станала хит, со многу попознатиот наслов „Ми вети ти“. Во деценијата потоа Драган Ѓаконовски-Шпато интензивно музицирал, снимал за потребите на Радио Скопје, пишувал своја музика и главно аранжирал светски хитови за различни состави.

Во педесеттите години се вработил во Оркестарот на милицијата. Репертоарот што морал да се свири во оркестарот воопшто не ги задоволувал потребите на Шпато. Затоа, тој во рамките на оркестарот формирал и биг-бенд, кој бил составен од најдобрите музичари, работеле службено, но повремено и самостојно. Настапувале често на програмата на Радио Скопје со вокални придружби и имале повеќе турнеи низ градовите во Македонија. Поради извонредните адаптации на Шпато од најпопуларните теми од филмот „Бал на вода“, овој биг-бенд бил неверојатно популарен низ целата земја. Радио Скопје во 1951 година го формира Ритмичкиот секстет за потребите на својата програма. Оркестар што во следните години ќе одигра исклучително голема улога во развојот на македонската забавна музика. Од истиот тој, во 1956 година се формира поголемиот Забавен оркестар, од кој, пак, во 1961 година настанува Танцовиот оркестар или биг-бенд. Со сите нив главно раководел Шпато, бидејќи се знаело дека тој е способен музичар што професионално може да ја организира музиката. Тој, со пожртвуваност, голем ентузијазам и посветеност работел со секстетот, а својот вреден дух успеал да им го пренесе и на другите музичари.
Професионалната кариера на Драган Ѓаконовски-Шпато во целина се одвивала во нагорна линија. Многу успеси на фестивалите низ Југославија и многу нови песни, пејачи, пејачки, композитори, аранжери и инструменталисти биле поврзани со него. Кон крајот на шеесеттите тој бил иницијатор за создавањето на познатиот вокален квартет „Импулси“, со кој остварил исклучително плодна творечка активност. На членовите на квартетот, кој се создал во неговиот дом, Ѓаконовски како лидер им кажал дека неопходни и најбитни за успех се секојдневна и макотрпна работа и голема посветеност. Тој бил комплетно посветен на нивниот репертоар. Избирал и аранжирал џез-стандарди и евергрини, компонирал нови или преаранжирал стари композиции за квартетот. По три месеци од создавањето тие ги снимиле првите пет композиции за кои добиле многу позитивни критики. Потоа следувал и настапот на фестивалот „Скопје `70“, кога тој добива прва награда за друга композиција под насловот „Последен ден на разделбата“, но самиот тој велел дека наградите не му значеле многу.
Во почетокот на седумдесеттите, по седумгодишна пауза, повторно се вратил во Танцовиот оркестар и бил назначен за диригент. Тогаш за првпат му се појавиле здравствени проблеми, но тој не престанал да работи со полна пареа, сѐ до 1978 година кога веќе не бил во можност да диригира. Во 1974 година „Импулси“ имале настап на најреномираниот музички фестивал во Југославија, „Опатија“. Наредните години Ѓаконовски бил многу продуктивен, пишувал нарачани композиции и композиции за квартетот. Во втората половина на седумдесеттите години на минатиот век, за првпат добил ангажман да пишува музика за театарска претстава. Се работи за претставата „Славата и смртта на Хоакин Муриета“ од Пабло Неруда, во режија на Владимир Милчин.

Наредните две години продолжил да компонира и испратил седум композиции на фестивалот „Скопје“, од кои само една добила трета награда. Во 1978 година доживеал трет мозочен удар и докторите веќе дефинитивно му забраниле да диригира. По разделбата со Танцовиот оркестар, Шпато речиси целосно му се посветил на компонирањето, а аранжирањето на кое има потрошено најмногу енергија, го презеле неговите ученици. Во годините што следувале, пишувал композиции за фестивалот „Скопје“, по смртта на Јосип Броз Тито пишувал композиции и за него, за фестивалот „Опатија“, за Биг-бендот, остварил плодна соработка со квартетот „Рибарски“, за фестивалот „Раденци“ во Словенија и други. Во 1986 година, Ѓаконовски ја напишал својата најдолга, најнежна и последна композиција „Марија“, која ѝ ја посветил на својата сопруга.
На 3 јануари 1987 година, на 56 години, исцрпениот и тешко болен Драган Ѓаконовски-Шпато починал. Д.Ст.