Знаменитостите на Македонија
- Како што често се случува и во други средини, споменикот остана, но името на неговиот автор ниту некој го дозна ниту некој праша, туку и ако некој случајно знаеше, полека се изгуби во колективната меморија. А зад ова монументално дело стои името на скулпторот Александар Јовановски (1931-2019), уметник од Битола чие творештво заслужува многу поголемо внимание и почит. Секој што имал можност внимателно да ја разгледа композицијата на споменикот може да ја почувствува неговата уметничка сила. Не е случајно што делото предизвикува восхит не само кај обичните посетители туку и кај познавачите и љубителите на скулптурата. Токму затоа е потребно да се потсетиме дека зад овој споменик стојат човечка рака, човечка идеја и творечко мајсторство.
Во секој град постојат обележја што со текот на времето стануваат дел од неговиот идентитет. Тие стојат тивко во просторот, ги следат генерациите што доаѓаат и си заминуваат и стануваат неми сведоци на колективната меморија на едно место. Таков е и големиот споменик посветен на демирхисарските револуционери, кој речиси половина век (1968) претставува едно од највпечатливите обележја на Демир Хисар. Илјадници граѓани поминале покрај него, многумина се фотографирале пред неговата монументална форма, а младите генерации го прифатија како природен дел од градскиот пејзаж. Но ретко кој се запрашал за неговото потекло: кога точно е создаден, каде првично бил поставен и, најважно, кој е авторот на ова впечатливо скулпторско дело.
Споменикот е откриен на 11 октомври 1968 година, на свеченост што според сеќавањата на современиците останала запаметена како еден од најмасовните и најгламурозни настани во историјата на Демир Хисар. Во духот на времето, на таа свеченост присуствуваа огромен број граѓани, ученици, припадници на Југословенската народна армија, преживеани илинденци, како и највисоките претставници на тогашниот општествено-политички живот на општината, предводени од тогашниот претседател на Собранието на Општина Демир Хисар, Раде Штрковски. Градот беше исполнет со свечена атмосфера, со знамиња, музика и говори што ја нагласуваа историската важност на настанот. За самиот тек на таа прослава, за нејзината помпезност и за впечатоците што ги остави кај присутните, ќе има можност да се пишува и подетално во некоја друга пригода. Но овде вреди да се потсетиме на еден факт што денес е непознат или речиси заборавен, особено меѓу помладите генерации.
Имено, споменикот првично не се наоѓаше на местото каде што го гледаме денес. Во времето на неговото откривање, тој беше поставен на масивен и висок постамент изграден на просторот на тогашните т.н. „турски гробишта“. Тоа е токму местото каде што денес се издига зградата на Домот на културата во Демир Хисар. Со текот на времето, кога се донесе решение на тој простор да се изгради културен дом, споменикот беше преместен на сегашната локација – во градскиот парк, каде што и денес стои како траен белег на историјата и сеќавањето. Со преместувањето на споменикот се зачува неговото присуство во градот, но со текот на децениите постепено избледе сеќавањето, односно речиси дека никој не праша за човекот што го создаде.

Како што често се случува и во други средини, споменикот остана, но името на неговиот автор ниту некој го дозна ниту некој праша, туку и ако некој случајно знаеше, полека се изгуби во колективната меморија. А зад ова монументално дело стои името на скулпторот Александар Јовановски (1931-2019), уметник од Битола чие творештво заслужува многу поголемо внимание и почит. Секој што имал можност внимателно да ја разгледа композицијата на споменикот може да ја почувствува неговата уметничка сила. Не е случајно што делото предизвикува восхит не само кај обичните посетители туку и кај познавачите и љубителите на скулптурата. Токму затоа е потребно да се потсетиме дека зад овој споменик стојат човечка рака, човечка идеја и творечко мајсторство.
Скулпторот Александар Јовановски не е непознато име во македонската монументална уметност. Неговото творештво оставило видливи траги и на други места. Меѓу неговите позначајни дела се вбројува и скулптурата на народниот херој Стив Наумов, поставена во близината на Офицерскиот дом во Битола. Освен во Македонија, Јовановски реализирал и повеќе монументални дела во Хрватска, каде што поминал значаен дел од својот живот и творештво.
За жал, нашиот менталитет често знае да ги маргинализира токму ваквите личности. Спомениците остануваат како трајни обележја во просторот, но имињата на нивните творци полека паѓаат во заборав. Тоа е неправда што барем делумно може да се исправи со вакви записи, кои имаат цел да го зачуваат сеќавањето на уметниците што оставиле трајна културна вредност.
Овој текст затоа не претендира да биде целосна студија за делото на Александар Јовановски. Ова е само скромен обид да се насочи вниманието кон човекот што стои зад еден од најпрепознатливите симболи на Демир Хисар.
Споменикот на демирхисарските револуционери и денес стои во градскиот парк, набљудувајќи ги генерациите што минуваат покрај него. Тој останува како трајно сведоштво на историското сеќавање на градот, но и како потсетник на уметничкото мајсторство на својот автор А кога ќе застанеме пред него, можеби вреди да се сетиме и на името на човекот што го создал – скулпторот Александар Јовановски, чија рака и визија му подарија на Демир Хисар едно од неговите најзначајни монументални обележја.
Автор: Благоја Шундовски
































