Најновата теорија на американскиот физичар Гинтер Клетечка
Откако Алберт Ајнштајн и неговите современици ги поставиле основите на современата физика, научниците се обидуваат да разберат што е времето и како функционира во универзумот.
– Времето е она што спречува да се случи сè одеднаш – вели физичарот Џон Вилер.
Но, што ако времето е многу посложено од нашето вообичаено претставување на линеарниот тек од минатото кон иднината?
Најновата теорија на американскиот физичар, д-р Гинтер Клетечка, од Универзитетот Алјаска во Фербанк, укажува токму на тоа. Тој вели дека времето, исто како и просторот, има три димензии. Покрај тоа, просторот каков што го знаеме, всушност, би можел да биде последица на повеќедимензионалното време.
– Ако времето го поставиме во центарот на сè, тогаш просторот се појавува како негова проекција – објаснува Клетечка.
Оваа смела идеја би можела да понуди одговори на прашањата што ја мачат физиката со децении – како на пример зошто основните честички, како што се електроните, ги имаат токму тие својства.
Она што е уште поважно, теоријата на Клетечка нуди потенцијален мост помеѓу две големи теории од 20 век, кои долго време се судираа меѓусебно – Ајнштајновата теорија на релативноста и квантната механика. Проблемот на физиката во изминатиот век е што се појавија две големи теории што функционираат блескаво во своите домени, но не се согласуваат меѓусебно. Ајнштајновата теорија на релативноста, која ги опишува гравитацијата и врската време-простор, совршено функционира во големи размери (планети, галаксии, црни дупки). Квантната механика, од друга страна, ги опишува честичките и силите во микросветот, кои се помали од атомите. Кога се обидуваме да ги споиме тие две слики на светот, на пример да објасниме што се случува во црните дупки, каде што гравитацијата и квантните ефекти се судираат, теориите се распаѓаат, давајќи контрадикторни резултати.
Клетечка смета дека основниот проблем е во тоа што ние тргнуваме од просторот, а времето го третираме како додаток. Во неговиот модел е обратно – времето е фундаментално, има три димензии (како и просторот), а просторот е само „проекција“ на повеќедимензионалното време.