Фото: Горан Анастасовски

Ромул и Рем, основачите на Стар Рим, биле спасени од волчица, хеленскиот бог Аполон бил роден од волчица, волците доаѓале да ги спасат луѓето и боговите, ги предводеле и ги заштитувале. Ова е само еден сегмент од митологијата и фолклорот на волкот низ светот

Со векови, луѓето низ светот ги почитувале и обожавале волците, ги сметале за божји гласници и богови. Волците имаат значајна улога во многу митови за создавањето, биле и сѐ уште се почитувани како предци на многу народи.
Според традицијата на Инуитите (Ескимите), староседелците на Арктичкиот и Супарктичкиот Регион на Гренланд, Алјаска, Канада и крајниот исток на Сибир, првиот човек се оженил со волчица. Нивните деца биле родени во парови и секое говорело на различен јазик. Тие го напуштиле дувлото и го населиле светот. Сличен фолклор имаат и Монголите. Нивниот предок бил сивиот волк, а великиот светски освојувач Џингис-хан бил негов директен потомок, како и сите негови потомци.
Во митологијата на старите номадски Турци, предците на сите денешни турски народи, се вели дека нивниот праотец се оженил со волчица. Според приказната, тој бил единствениот преживеан кога напаѓачи го масакрирале неговото племе. Водачот на непријателите му ги отсекол стапалата и го фрлил во езеро. Осамена волчица го извлекла и го нахранила, му го вратила здравјето и станала негова сопруга. Тие имале десет сина и тоа биле првите Турци. Нивните потомци со генерации завивале пред да заминат во битка, повикувајќи го својот предок волк да им помогне во извојувањето на победата.
Децата што се одгледани од волци е популарен светски мотив. Еден од најпознатите е оној за близнаците Ромул и Рем, основачите на Стар Рим. Според римската традиција, нивната мајка била девица, а нивниот татко бил Марс, римскиот бог на војната. Според една од верзиите, кралот Амулиј дознал што се случило и се плашел дека близнаците ќе му ја одземат власта, затоа наредил децата да бидат фрлени во реката Тибар. Водата ги исфрлила близнаците во подножјето на Палатин, еден од седумте римски ридови. Во близината била волчицата Мартиа и ги пронашла. Таа ги хранела браќата со своето млеко и ги одгледала. Подоцна кога Ромул и Рем пораснале, ја дознале вистината и го убиле кралот Амулиј.

Во хеленската митологија, врховниот бог Зевс го претворил кралот на Акадија во волк, откако претходно го послужил со човечко месо. Според една друга хеленска легенда, мајката на богот Аполон за да го избегне бесот на Хера, жената на Зевс, се засолнила меѓу глутница волци и го родила Аполон. Затоа во неколкуте антички храмови што биле посветени на Аполон, волкот бил сметан за свето животно.
Во нордиската митологија, едноокиот бог Один ги хранел своите волци со сопствените раце додека седел на престолот, а тие ги штителе Валхала и неговите храбри војници. Синот на богот Локи, големиот волк, се поврзува со светото дрво Игдрасил.
Во јапонскиот фолклор, волкот е персонификација на дивината и преку него може да се комуницира со природата. Според една јапонска приказна, жителите на едно село спасиле волк. Подоцна тој ги посетил и во знак на благодарност им оставил еден елен пред селото.