Песни што ме тераат да играм
Во Скопје има едно големо долго корито со вода, големо количество вода, која тече брзо и постојано, полна е со живот. Тоа корито со вода се вика река, а реката се вика Вардар, гордоста на Македонија, на генерации Македонци. Реката е полна разбирање, со извонредна меморија, со прекрасни емоции, лековита е, слуша, ги чисти и ги разбиструва мислите. Покрај таа река поминувам доста често, особено навечер, во сите годишни времиња.
Не сум само јас, многумина поминуваат покрај неа, секој од свои причини. Едноставно убаво им е покрај реката, си ја обновуваат енергијата. Меѓу нив особено внимание ми привлече едно тогаш младо момче, сега веќе средовечен маж, кој со својата фигура, фризура, но и држење, се разликуваше од другите. Доаѓаше често, онака мирно, тивко, повлечено и само стоеше пред таа прекрасна брза вода, можеби и комуницираше со неа на некој само нему познат начин. Подоцна го гледав, го слушав по разни емисии, на разни телевизии и радија, каде што ги делеше својот прекрасен глас и талент со сите нас. Претежно пееше и сѐ уште пее џез-песни, но исто така се снаоѓа добро и во доменот на француските шансони, бразилската и кубанската музика… Неговите изведби на џез-стандардите, кои во оригинал ги пеат и создаваат еден Пол Енка, Френк Синатра, Антонио Карлос Жобим, Тони Бенет, Нет Кинг Кол… како и на музиката на доајенот Драган Ѓаконовски-Шпато, спаѓаат во самиот врв на овој тип музика на Балканот, но и пошироко.
Неговото име е Џон Илија Апелгрен, кој е секогаш тука некаде околу, никогаш експониран, тивок, стамен, со голем капацитет, човек што со својот глас ги облагородува оние што ги слушаат неговите изведби. Баш како реката, која е еден тип прочистувач на луѓето, така и пеењето на Џон Илија Апелгрен ги облагородува нивните емоции. Во својата кариера, долга повеќе од 35 години, нема некои препознатливи хитови, но затоа создава прекрасни музички моменти што како сончеви зраци допираат до секого, со тоа ставајќи го во редот на посветените. Особено тоа се однесува на концертите што ги одржува редовно, успешно снаоѓајќи се во разни типови музика, но најмногу во неговата најголема љубов – џезот, и тоа во секаков облик.
Доколку се најде композитор и текстописец што ќе успее да создаде песни за него, ние Македонците би имале уште еден пејач достоен да нѐ претставува на која било сцена, баш како што неговиот дедо Илија Џувалековски беше препознатлив по својата актерска уметност секаде каде што имаше Македонци. Велат дека водата ја создава врбата таква каква што е, прекрасна, витка, отпорна, занесна, но истата таа вода влијае неверојатно богато и облагородувачки на зеленото јаболко и му го збогатува животот на оној што го консумира.
Љупчо Давчев