Владимир Блажев-Панчо, членот на дуото ДНК, кој беше сериозно повреден во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, почина вчераутро во 10 часот, по долго болничко лекување.
Панчо извесно време бил во кома, а имал и тешки изгореници на лицето и на рацете. Иако многумина се надеваа дека ќе закрепне, сепак тој им потклекна на повредите.
Роден во Скопје на 29 јули 1979 година, Владимир Блажев-Панчо, заедно со Андреј, ја формираше групата ДНК во 2001 година. За кратко време, тие станаа повеќе од музичко дуо. Тие станаа симбол на една генерација, хроничари на урбаниот живот, љубовта и пријателството. Нивните дела и песни ќе живеат вечно. Македонија се збогува со Панчо, со човекот што со својата музика и хуманост допре до многумина.
Сочувство до семејството, пријателите и сите што го сакаа. Панчо ќе живее – во музиката, во сеќавањата и во срцата на сите нас.
Во пожарот во кочанската дива дискотека „Пулс“ на 16 март загинаа 63 лица и 200 беа повредени. Првично меѓу загинатите беа осум члена на групата ДНК.
Загинаа вокалот Андреј Ѓорѓиески, музичарот Филип Стевковски, гитаристот Андреј Коларов, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, придружниот вокал Сара Пројковска, тонецот Игор Велков, бит-боксерот Мартин Атанасовски-Буцо и Александар Ефремов, фотограф на ДНК.