Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (7)
Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците
Во ништо не сме слични, но по една сурова статистика – растот на бројот на нови миленици наспроти бројот на новороденчиња – за жал, сè повеќе личиме на развиените капиталистички општества. Токму таму, во последните две децении, индустријата за миленичиња не расте случајно, туку системски и агресивно, сурфајќи на бранот на осаменоста, отуѓеноста и распадот на традиционалните социјални врски. Кучето, за негова несреќа, сè почесто се промовира како замена за дете, пријател, партнер, па дури и како емоционален штит од животните кризи што човекот одбива да ги проживее и надмине низ односи со други луѓе.
Како што видовме заедно во претходната колумна, за оние што штотуку го довеле кучето во својот дом, важно е да сфатат дека тоа не е само „бушавко човечко суштество со четири нозе“, туку животно со свои потреби, ограничувања, биолошки циклуси и инстинкти. Далеку од тоа да биде „замена“ за човечки однос или детска улога, кучето има свој свет на перцепција, учење и адаптација. Тоа учи и создава врски, но не како човечката емотивна интеракција – туку како интеракција со вид што има различен нервен систем, различни начини на социјализација и различни начини на справување со стрес и несигурност. Дури и при најдобра грижа и внимание, психолозите предупредуваат дека луѓето често ги проектираат своите човечки чувства и очекувања врз животните кога се обидуваат да ги „наполнат празнините“ од сопствениот социјален живот; а тоа може да доведе до несоодветни врски и психолошки стрес и за човекот и за кучето. Како што покажуваат истражувањата во односите човек–животно, кучето е одговорно за своите емоции и учење, но не може – ниту треба – да биде третирано како човечки партнер или замена за човечки врски. Тоа значи дека сопствениците мора соодветно да постават граници, да обезбедат структура, доследност и разбирање на животинското однесување, наместо да проектираат на кучето човечки улоги што тоа генетски и биолошки не ги поседува.
Овој феномен не е само културен, туку и економски внимателно моделиран. Глобалната индустрија за миленичиња во 2024–2025 година надминува 270 милијарди американски долари годишен обрт, со проекции дека до средината на следната деценија ќе се доближи до половина трилион долари. Најбрзо растат сегментите што директно ја имитираат индустријата за деца: „премиум“ храна, облека, роденденски забави, дневни центри, психолошки услуги… Од бизнис-аспект, ова е совршено темпиран и логичен потег – копи-пејст на модел што веќе се покажал како исклучително профитабилен. Од етички и општествен аспект, станува збор за директно учество во амортизација на човечките односи и разнебитување на семејството како основна клетка на општеството.
Паралелно со ова, демографските податоци се јасни и немилосрдни. Наталитетот во Европа и пошироко е во континуиран пад, а Обединетите нации предупредуваат дека сè поголем број општества влегуваат во фаза на демографско стареење без природна замена на населението. Во тој контекст, не е тешко да се разбере зошто пазарот нуди „побезболна“ алтернатива: врска без ризик, без конфликт меѓу две рамноправни личности, без биолошка и морална одговорност што трае цел живот. Кучето не бара зрел партнерски однос, не го доведува во прашање егоцентризмот, не поставува граници. Токму затоа е совршен производ за општество што сè повеќе се плаши од вистинска интимност.
Антропоморфизацијата на кучето – процесот на проектирање човечки емоции, мотивации и улоги врз животно – одамна е предмет на сериозни психолошки истражувања. Психологот Николас Епли од Универзитетот во Чикаго укажува дека луѓето најчесто антропоморфизираат кога чувствуваат осаменост, несигурност и недостиг од социјална поврзаност. Тоа не е доказ за „повисока емпатија“, туку сигнал за празнина. Колку е поголем недостигот од стабилни човечки односи, толку е посилна потребата животното да се претвори во замена за нив. Во тој контекст се раѓа фигурата на таканаречениот „грижлив родител на милениче“, кој искрено верува дека љубовта кон кучето може да ја замени љубовта кон луѓето, а често не е свесен дека токму таа прекумерна, несоодветна поврзаност претставува форма на злоупотреба – и за себе и за животното.

Психоаналитичарот Ерих Фром одамна предупреди дека модерниот човек сè почесто „има“ односи наместо да „биде“ во однос. Миленикот, третиран како дете или партнер, станува објект преку кој се управува сопствената емоционална празнина, без вистински дијалог, без ризик од одбивање, без потреба од личен раст. Кучето станува утеха, воздушно перниче, емоционален заштитен апарат за ситуации од кои човекот, всушност, мора сам да излезе ако сака психолошки да опстои.
Од биолошка перспектива, ваквото бегство е уште поапсурдно. Инстинктот за опстанок преку размножување е вграден во кодот на животот – од едноклеточниот организам до човекот – еднаков по примарност со потребата за енергија преку храна и вода. Тој инстинкт може да се потисне, да се рационализира или да се замени со симулација, но не може да се избрише без последици. Општествата што системски го негираат, неизбежно се соочуваат со демографска, социјална и културна ерозија.
Кога зборуваме за генетичката сличност помеѓу човекот и другите животни, често слушаме фрази како „човекот споделува X проценти од ДНК со кучето“.
Процентите на наводна генетска сличност меѓу човекот и кучето се популарна поп-научна илузија: заедничките базични гени не значат заедничка биологија, свест или емоционален свет, исто како што ДНК-сличноста со глушец или банана не ги прави човечки суштества. Станува збор за заеднички наследства од пред многу милиони години, но и огромни разлики што произведуваат целосно различни биолошки системи на телото и мозокот. На пример, со шимпанзото, нашиот најблизок жив роднина, споделуваме околу 98,8 проценти од ДНК, што ни дава значајни физиолошки и развојни сличности. Сепак, таа ДНК игра огромна улога во развојот на мозокот, говорот, физиологијата и однесувањето, што се преведува во огромна разлика меѓу видот човек и шимпанзо. Со кучето, таа генетска блискост е уште помала, а разликите во регулаторните области, развојните патишта и биолошките адаптации се големи – што значи дека кога му ставате чевлички, панделки или го третирате како човек, тоа нема ни најмало научно „биолошко оправдување“ заради генетска сличност, туку е резултат на човечка проекција, културна интерпретација и нашата потреба за симболика. Кога ќе се измери целокупниот геном, глувците и свињите на пример имаат сличност со човекот што е споредлива или поголема од онаа на кучето, што дополнително ја поткрепува пораката дека процентите на сличност сами по себе не значат „личност“, „свест“ или „емоционална идентичност“.
Кучето не е виновно за ова. Напротив. Кучето е жртва на една идеолошка и пазарна конструкција што од него прави нешто што не е. Кучето не е замена за човек. Не е дете, не е партнер, не е љубовник, не е терапија за нерешени трауми. Кучето е одличен придружник на семејството, прекрасен сојузник во здрави човечки односи и, секако, верен сопатник и на осамени луѓе. Но кога од придружник се претвора во замена, тогаш проблемот не е во кучето, туку во општеството што бега од себе.
Индустријата за миленичиња може да продолжи да расте, а тоа ќе го прави сè додека осаменоста е профитабилна. Прашањето не е дали пазарот ќе го искористи тој тренд – тоа е негова природа. Прашањето е дали ние ќе прифатиме да живееме во свет каде што љубовта, блискоста и семејството се заменуваат со производи, услуги и симулации. Одговорот на тоа прашање нема да го дадат статистиките за продажба на кучешки „бебешки“ колички, туку бројот на луѓе подготвени повторно да ризикуваат вистински човечки однос.
Илија Петковски































