Се проценува дека повеќе од 170 трилиони парчиња пластика сега лебдат во светските океани, велат научниците, а пренесува Би-би-си. Пластиката ги убива рибите и другите морски животни и потребни се стотици години за да се разложи на помалку штетни материи. Загадувањето би можело тројно да се зголеми до 2040 година ако не се преземе нешто, предупредуваат научниците. Минатата недела беше потпишан историски договор под покровителство на Обединетите нации, кој има цел да заштити 30 отсто од океаните. Претходно, група научници спроведоа анализи почнувајќи од 1979 година и ги додадоа најновите податоци собрани од експедиции, кои поставуваа мрежи за собирање пластика во морињата. Податоците за пластиката собрана во мрежите потоа се додаваат во математички модел што го пресметува глобалното загадување.
– Повеќе од 170 трилиони парчиња пластика се во океаните – изјави водечкиот автор на студијата, Маркус Ериксен.
Пластиката за еднократна употреба, како шишиња, амбалажа, опрема за риболов или други предмети, со текот на времето се распаѓа на помали парчиња поради сончевата светлина или механичката деградација. Дивиот свет, односно китовите, морските птици, желките и рибите често ја сметаат пластиката за храна и може да умрат од глад додека им ги полни стомаците. Парчиња пластика влегуваат и во водата за пиење, а микропластика е пронајдена во човечките бели дробови, вените и плацентата.
Најголема концентрација на пластика моментално има во Северно Море, во дел од Атлантски Океан, а големи пловечки маси пластика се забележани и во Пацификот. Авторите исто така сугерираат дека промената на нивоата на загадување пред 2000 година може да се должи на ефективноста на договорите или политиките што го регулираат загадувањето. Во текот на 1980-тите, неколку правно обврзувачки меѓународни договори им наложија на земјите да престанат да фрлаат пластика во океаните и да исчистат одредени количества. Подоцна следуваа доброволни договори, за кои авторите велат дека можеби биле помалку ефективни и би можеле да го објаснат зголемувањето на пластиката од 2000 година наваму. Авторите тврдат дека решенијата мора да се фокусираат на намалување на произведената и искористена пластика наместо на чистење на океаните и рециклирање, бидејќи тоа е помалку веројатно да го спречи загадувањето.