Жените во племето не се мажат, често ги менуваат љубовниците и ги донесуваат главните одлуки. Мажите не поседуваат ништо и до крајот на животот живеат во мајчината куќа
„Кога жените би владееле со светот не би имало војни“, ова е само една од многубројните поговорки што укажуваат на вредностите на жените како владетелки. Дека ова не се само празни зборови сведочи и примерот од Кина, каде што и денес живее племето Мосуо, кое е познато и како кралство на жените. Тоа се смета за, можеби, последниот матријархат на светот. Племето Мосуо има доста долга историја, која датира од пред 2.000 години. Она што е специфично за него е што тука отсекогаш се негувале традицијата и културата на матријархатот. Имено, во ова племе жените се на чело на семејствата и тие ги донесуваат одлуките.
Мосуо е етничко малцинство во Кина, а племето живее во подножјето на Хималаите. Лизаџу е едно од последните села каде што сè уште владее матријархат. Некои млади девојки денес се соочуваат со тешки одлуки, дали да останат и да ја продолжат традицијата или да си заминат и да живеат како и нивните врсници во Кина.
Машки чевли пред вратата за збогум
Секоја фамилија се состои од 10 и повеќе членови, но целиот имот е во рацете на жените. Она што е специфично е тоа што се практикува еден вид „отворен, либерален брак“, каде што на жените им е дозволено да имаат повеќе љубовници. Всушност, тие и не се врзани со класичен брак, туку мажот што ќе го посака жената Мосуо ноќе доаѓа во нејзината куќа, а си заминува пред зори. Доколку жената не сака врска со својот дотогашен љубовник, таа симболично става машки чевли пред вратата, ставајќи му до знаење дека неговото место е зафатено. Ако од една ваква слободна врска се роди дете, го чуваат роднините од страната на мајката и го носи нејзиното презиме.
Инаку, во минатото племето Мосуо било доста изолирано и речиси немало контакти со надворешниот свет. Меѓутоа, во последниве години ова место стана позната туристичка дестинација и тие полека се отвораат кон светот, покажувајќи се како гостољубиви домаќини.
Иако многумина сметаат дека племето Мосуо е последен матријархат на планетата, и тука работите се сменети, па сѐ почесто и мажите се вклучени активно во донесување на одлуките, а понекогаш тоа целосно им се препушта ним.
Не постои збор за маж и за татко
Всушност, во племето мажите немаат голема одговорност, не работат, одмораат по цел ден за да бидат во форма за ноќните посети на своите жени. Генерално, нивната единствена должност е одгледување добиток и риболов.
Факт е дека жените од племето не се мажат, односно не постои класична церемонија за стапување во брак. Напротив, тука, ако имаш само еден партнер, значи дека не ја почитуваш традицијата на своите предци. Токму поради тоа на нивниот јазик нема збор за маж или за татко. Овие либерални врски се доста интересни за остатокот на светот, поточно можноста жената да ги избира љубовниците, а да не мора да живее со нив под ист покрив.
Всушност, овде заедничкиот живот не се препорачува, зашто не ѝ припаѓа на традицијата. Не е тајна дека жените Мосуо не веруваат во бракот, барем не во институцијата што нам ни е позната. Инаку, мажите не поседуваат ништо и до крајот на животот живеат во куќата на својата мајка, но, по смртта мајките, имотот им го оставаат на ќерките.
Децата родени во овие слободни врски му припаѓаат на семејството на мајката, а татковците имаат минимален или речиси никаков контакт со децата. За нив најзначаен машки пример е вујкото, кој во ова племе има поголемо значење и од биолошкиот татко на детето.
Ќерките попосакувани од синовите
Иако последниве години интересот на туристите за нив е голем, жените Мосуо никогаш не погледнале некој друг, освен мажите од своето племе. Исто така, она што е специфично за нивната култура е дека никогаш не ги напуштаат старите и изнемоштените, туку семејството се грижи за нив до самиот крај.
Племето Мосуо, и покрај надворешните влијанија, сѐ уште е доста јака заедница и секогаш членовите на семејството се стават пред странците и туристите. За разлика од остатокот на Кина, каде што женските деца главно се непосакувани, тука е пожелно да се добие ќерка, зашто тие повеќе се ценат од синовите. Според правилата на племето, девојчињата не смеат да носат здолниште сѐ додека не наполнат 13 години, кога официјално се воведуваат во друштвото и тогаш мајките им даваат посебна соба, каде што можат да ги носат своите љубовници. Интересно е дека жените никогаш не раскажуваат за своите интимни работи во присуство на мажи. Исто така, кога жените Мосуо сакаат да му покажат на некој маж дека им е интересен тие ја оставаат вратата отворена за да дојде ноќе.