Мегакорал, како што научниците го нарекоа џиновскиот организам што се шири на дното на југозападниот дел на Тихи Океан, неодамна беше откриен и привлече големо внимание кај експертите, кои го сметаат за најголем што е откриен досега. Станува збор за живо суштество старо повеќе од 300 години, поголемо од син кит, а го пронашол Ману Сан Феликс, кој работел на бродот „Нешнал џиографик“, додека ги истражувал оддалечените делови на Пацификот.
– Нуркав на место за кое на мапата пишуваше дека некогаш имало бродолом, а потоа видов нешто необично. Се вратив на површината и го повикав пријателот да нурне уште подлабоко. За време на второто нуркање, најдовме „катедрала под вода“. Мислев дека овој корал е на истото место од времето на Наполеон – објасни Ману.
Британските медиуми наведуваат дека научниците во експедицијата го измериле коралот со помош на специјална лента и утврдиле дека е долг 32 метри, широк 34 метри и висок околу 5,5 метри.
Научниците беа воодушевени од фактот дека коралите се речиси неоштетени и покрај тоа што со децении се изложени на климатски промени и глобално затоплување. Самиот корал е составен од стотици илјади живи организми, наречени полипи, кои растат заедно како колонија. Интересно е што овој џиновски корал не е составен дел на ниту еден корален гребен.
– Сакаме светот да знае дека ова е посебно место и дека треба да се заштити – изјави Тревор Манемахага, министер за клима на Соломонските Острови, кој неодамна присуствуваше на светскиот самит за климатски промени.
Додека блиските плитки гребени се деградирани од потоплите мориња, присуството на оваа голема здрава корална оаза во малку подлабоките води е светилник на надеж. Пронајдениот корал му припаѓа на видот Pavona clavus и е засолниште за голем број живи суштества, како што се риби, ракови, школки и други морски суштества. Со оглед на неговата старост, научниците веруваат дека проучувањето на овој корал ќе доведе до нови сознанија за развојот на овој вид жив свет. Се разбира, тој треба добро да се заштити за да ја преживее нашата возраст.
Инаку, животот на животните и растенијата во океаните и морињата на целата планета е загрозен од зголемувањето на температурата на водата, но и од драстичното загадување.