Иранците го нарекуваат античкиот град Персеполис и Престол на Џамшид, по името на првиот митски император на Персија. Тој е една од трите престолнини на Античка Персија – најгламурозната, каде што ахеменидските императори одржувале забави што траеле и до три месеци, кои се опишани и во Стариот завет.
Ова веројатно му дало идеја на последниот ирански крал, шахот, да ја организира, официјално, најголемата забава во светот на ова место во октомври 1971 година. Осум години пред да биде соборен, во огромни шатори обложени со мермер и со бескрајно бифе, Реза Пахлави, прославувајќи 2.500 години од Персиската Империја, организирал ваква забава во Персеполис за сите светски државници и владетели, на која, меѓу другите, присуствувале и маршалот Тито и неговата сопруга Јованка. Баснословната сума на државни пари потрошени на најголемата забава во светот, која траеше три дена, беше една од неколкуте причини за неговото подоцнежно соборување.
Изградбата на Персеполис започнала во 6 век пр. н.е., на претходно изградена вештачка тераса од огромни размери, висока дваесет метри, и траела со години. Стариот завет ја опишува изградбата на овој комплекс со детални информации за тоа кои народи учествувале во зафатот и од кои делови на познатиот свет пристигнале градежните материјали. Во рамките на локалитетот, кој е на списокот на светско наследство на УНЕСКО од 1979 година, има и мал музеј, сместен во поранешниот харем на императорот Ксеркс Први. По освојувањето, Персеполис бил уништен и запален од Александар Македонски во 330 пр. н.е. Наводно, еден од неговите наложници во пијана ноќ предложил Персеполис да изгори, што и се случило.
Освен надалеку познатата Порта на сите нации и остатоците од неколку дела од палатите, главна атракција на античкиот град на палатата се Големите скалила, со релјефи на поданиците на Персиската Империја од цела Азија, кои, прикажани во природна големина, во низа на скалите, му нудат подароци на императорот.